Македонското музичко дуо „Алембик“ на 11 јуни ќе го претстави својот втор студиски албум „Без никого да удриш“ со концерт во Денсинг салата на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. Настанот започнува во 20 часот и ќе понуди музичко, визуелно и документарно доживување за публиката.
Составот, кој го сочинуваат Ива Дамјановски (вокал, клавијатури и теремин) и Виктор Танасковски (гитара и вокал), се враќа пред домашната публика по серија настапи низ Европа, меѓу кои и неодамнешниот концерт во Даблин.
Новиот албум „Без никого да удриш“ носи силна општествена порака и се фокусира на темата на ненасилството, која е присутна во сите композиции. Во неговото создавање учествувале и Андреа Мирческа на бас-гитара, Драган Теодосиев на тапани и Филип Ефински како гостин на дел од песните.
Покрај концертната промоција, посетителите ќе имаат можност премиерно да го проследат и документарниот филм за создавањето на албумот, во режија на Теона Христовска. На настанот ќе биде достапно и првото винилно издание на „Алембик“, реализирано во продукција на „Мртов коњ“ и „Ракамакафон“.Како вовед во концертот, бендот деновиве го објави и видеоспотот за песната „Милосрдие“, која е дел од новото музичко издание.