Со осмата Меѓувладина конференција меѓу Тирана и Брисел што започна денеска, Албанија влегува во нова, финална фаза од преговорите со Европската Унија, .
Состанокот треба да го потврди исполнувањето на привремените услови од кластерот „Основи“, што е најчувствителниот дел од пристапниот процес.
Албанската делегација ја предводи премиерот Еди Рама, додека од европска страна на состанокот учествуваат претставници на Советот на ЕУ и комесарката за проширување Марта Кос.
Рама пред конференцијата порача дека Албанија е „поблиску од кога било“ до Европската Унија и дека очекува земјата да стане полноправна членка до 2030 година.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос го поздрави напредокот на Албанија, истакнувајќи дека земјата има исполнето важни точки во реформата на правосудството и владеењето на правото. Кос изјави дека Албанија влегува во нова фаза на преговорите, со јасно утврдени цели и пакети за затворање на поглавјата. Според неа, овој напредок создава цврста основа за завршување на преговорите во наредните години, со цел процесот да се затвори до 2027 година.
„Tука сме за да означиме голем чекор на Албанија во процесот на членство. По Црна Гора во 2024 година, Албанија е втора од нашите земји кандидати што ги исполнила меѓуфазните точки за владеење на правото, утврдени во октомври 2024 година. Ова е достигнување за почит и резултат на долга работа што не се реализира преку ноќ. Кога ги потврдуваме овие меѓуфазни точки за владеење на правото, потврдуваме дека работата во оваа област во последните години била успешна“, рече Кос.