Албанија се крева против проектот во Зврнец: За 10 јуни најавен масовен протест во Тирана

Протестите против контроверзниот проект во Зврнец продолжуваат во Албанија. Граѓаните за 10 јуни свикаа сенароден собир во Тирана, а опозицијата најави поддршка.

Незадоволството поради најавениот развоен проект во областа Зврнец во Албанија продолжува да расте, а организаторите најавија голем сенароден протест на 10 јуни во Тирана. Осма вечер по ред, граѓани се собраа пред зградата на Владата на булеварот „Дешморет е Комбит“, изразувајќи противење на проектот што во јавноста се поврзува со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.

Демонстрантите предупредуваат дека планираната инвестиција може да има сериозни последици врз заштитената лагуна Зврнец–Нарта, едно од најзначајните природни подрачја во Албанија, познато по богатата флора и фауна и високата еколошка вредност.

Покрај еколошките прашања, на протестите беа отворени и теми поврзани со здравството, образованието, земјоделството, пензискиот систем и правата на рударите, што дополнително го прошири незадоволството кон владините политики. На крајот од собирот беше упатен повик за масовен протест на 10 јуни во главниот град, со цел да се изврши поголем притисок врз властите да го преиспитаат проектот.

Поддршка за протестите најави и опозициската Демократска партија на Албанија, која ги повика своите членови и симпатизери организирано да учествуваат на собирите во Тирана. Во меѓувреме, албанскиот премиер Еди Рама ги отфрли критиките на демонстрантите и ги бранеше владините политики за заштита на животната средина. Тој посебно реагираше на паролата „Албанија на Албанците“, оценувајќи ја како исклучувачка и несоодветна за современото албанско општество.

Судирот меѓу граѓанските активисти и владата околу проектот во Зврнец сè повеќе прераснува во едно од главните политички и еколошки прашања во Албанија во пресрет на летната сезона.

е-Трн да боцка во твојот инбокс