Ново истражување укажува на сè поголем проблем во дигиталниот простор: луѓето сè потешко разликуваат што е создадено со вештачка интелигенција, а што е вистинска човечка содржина. Студијата, пренесена од Н1, покажува дека со напредокот на AI алатките кои создаваат текстови, фотографии, видеа и гласови што изгледаат реално, интернетот станува средина во која довербата значително се намалува.
Истражувањето на компанијата за сајбер-безбедност Malwarebytes е спроведено на 1.500 испитаници во Австрија, Велика Британија, Германија, Швајцарија и САД. Дури 88% од испитаниците изјавиле дека им станува сè потешко да разликуваат вистинска од вештачки создадена содржина. Речиси ист процент навел дека имаат проблем да препознаат измами во дигиталната комуникација. Според податоците, 85% од испитаниците сметаат дека не можат лесно да разликуваат автентична порака од измама, значителен пораст во однос на 66% од претходната година.
Истражувањето предупредува дека проблемот не се однесува само на лажни фотографии или забавни AI-видеа, туку и на сè почести случаи на персонализирани измами, лажно претставување и имитирање гласови и идентитети на познати лица, институции или компании.
Околу една четвртина од испитаниците навеле дека во последната година добиле персонализирана измамничка порака, што покажува дека ваквите напади стануваат поубедливи и потешки за откривање. Дополнително, 84% од учесниците сметаат дека дури и убедливо видео повеќе не може да се смета за сигурен доказ, што сериозно ја нарушува довербата во визуелните медиуми.
Како последица на ова, повеќе од 60% од луѓето велат дека го менуваат своето однесување на интернет – помалку објавуваат содржини, ги ограничуваат социјалните мрежи и бришат лични податоци поради страв од злоупотреба. Истражувањето отвора пошироко прашање за медиумската писменост и дигиталната безбедност, бидејќи со развојот на вештачката интелигенција расте и ризикот од дезинформации, манипулации и финансиски измами.
Во заклучокот се наведува дека AI не е само технолошки напредок, туку и сериозен тест за довербата во онлајн просторот, каде проверката на информации станува поважна од кога било.