Новиот шеф на Хамас, Халил ал-Хаја, избран во понеделникот, денес го одржа своето прво телевизиско обраќање и ги претстави шесте приоритети на движењето. Како главна цел го посочи целосниот крај на израелската воена офанзива во Газа и повлекувањето на израелските сили од енклавата.
Ал-Хаја побара од државите-посредници во преговорите за прекин на огнот да извршат притисок врз израелската влада за да ги спроведе постојните договори и да премине кон следната фаза од процесот. Тоа го посочи како прв и главен приоритет на движењето.
Вториот приоритет, според Ал-Хаја, е враќање на достоинствени услови за живот за Палестинците во Газа. Тука влегуваат спречување на плановите за раселување, забрзување на обновата и обезбедување на ослободувањето на затворениците.
Третиот приоритет е постигнување палестинско единство преку непосреден национален дијалог, со цел обнова на палестинските институции, особено на Организацијата за ослободување на Палестина. Ал-Хаја рече дека тој процес треба да се одвива на демократски основи и со општ консензус.
Четвртиот приоритет е зајакнување на односите со арапските и муслиманските земји. Петтиот е нивна мобилизација за поконкретни чекори и зголемен притисок за запирање на она што Ал-Хаја го нарече „машина за убивање и геноцид“ врз Палестинците во Газа.
Шестиот приоритет е повик кон меѓународната заедница и Обединетите нации да ги заштитат Палестинците и да ги повикаат на одговорност оние што Ал-Хаја ги нарече „воени злосторници“ од израелска страна.
Ал-Хаја беше главен преговарач на Хамас во разговорите за прекин на огнот и разменa на затвореници, а во годините пред тоа беше базиран во Доха, Катар. На функцијата го наследи Јахја Синвар, кој беше убиен во израелски напад во Рафах, на југ од Појасот Газа, во октомври 2024 година. За разлика од главниот противкандидат Халед Машал, Ал-Хаја се смета за поблизок до Иран.
Израелската војска ја започна офанзивата во Газа во октомври 2023 година, по терористичкиот напад организиран од Хамас во Израел. Во нападите се убиени над 73.000 луѓе, а речиси 174.000 се ранети, пред во октомври 2025 година да биде постигнат прекин на огнот.