Над половина од сите акумулациски езера во светот може да ја изгубат својата функционалност до 2060 година поради забрзано наталожување на седимент, покажува новата глобална студија објавена во списанието Nature Sustainability. Според истражувањето водено од научници од Кинеската академија на науките, вештачките езера го губат корисниот волумен со просечна стапка од 7,3 отсто по деценија. Овој процес директно го загрозува производството на хидроенергија, но и снабдувањето со вода за пиење и наводнувањето.
Истражувачкиот тим, предводен од професорот Сонг Чунќијао од Нанкиншкиот институт за географија и лимнологија, разви нов Глобален регистар на акумулациски езера (GREI). Преку комбинација на сателитски снимки, геопросторни податоци и инженерска документација, научниците идентификуваа повеќе од 550.000 акумулации ширум планетата.
Дури 95 отсто од регистрираните езера се со површина помала од еден квадратен километар. Овие мали акумулации досега речиси целосно беа занемарени во глобалните анализи, иако играат клучна улога за локалните заедници. Анализата покажа дека речиси секоја петта акумулација во светот веќе се соочува со забрзан губење на капацитетот.
Tаложењето на песок, тиња и земја зад браните го намалува просторот за складирање вода. Во исто време, намалениот транспорт на материјал низводно ги менува речните корита, предизвикува ерозија на бреговите и го зголемува ризикот од слегнување на делтите.
Истражувачите идентификуваа 16 глобални жаришта каде процесот е најизразен. Тоа се главно сушни региони како југозападниот дел на САД, Блискиот Исток и западна Австралија, но и големи земјоделски подрачја што зависат од наводнување. Околу една четвртина од сите наводнувани ниви во светот, кои прехрануваат над две милијарди луѓе, директно зависат од акумулации што забрзано се полнат со талог.
Акумулациските езера се градени со децении со претпоставка дека нивниот век ќе биде долг, но без соодветни механизми за чистење на акумулираниот нанос. Ако не се преземат итни мерки за одржување и испуштање на талогот, последиците врз енергетската и прехранбената безбедност ќе станат критични во следните неколку децении.