Македонија останува под влијание на топол воздушен бран од југ кој носи сончево и исклучително топло време низ целата земја. Максималните дневни температури во следните денови ќе се движат меѓу 33 и 40 степени, а високи температури ќе се задржат и во текот на ноќните часови. Во попладневните часови ќе има локален развој на нестабилност проследен со краткотраен пороен дожд и ретки грмежи.
Топлата воздушна маса што доаѓа од јужните региони уште неколку денови ќе го диктира времето во земјава. Според метеоролошките податоци,сончевото време ќе биде проследено со мала до умерена облачност, додека во Повардарието повремено ќе дува засилен ветер од северен правец.
Ноќните температури во градските средини нема значително да паѓаат, што ќе создаде услови за тропски ноќи, особено во пониските делови од земјава. Во Скопје се очекува максималната температура да достигне 37 степени, со висок УВ-индекс од 8, што бара соодветна заштита од директно изложување на сонце во најтоплиот дел од денот.
Иако претпладневните часови ќе бидат претежно сончеви и топли, во попладневните часови атмосферата ќе стане нестабилна. Метеоролозите најавуваат локален развој на облачност што ќе донесе краткотрајни поројни дождови, проследени со ретки грмежи.
Ваквите атмосферски услови ќе се задржат за време на целиот викенд и во текот на следната седмица. Највисоки температури се прогнозираат за вторник, кога термометарот на одделни места ќе достигне до 40 степени.