Од 300 камп-приколки до депонија: златната ера на кампирањето во Македонија

Некогаш елитни автокампови на Охридското Езеро денес се распаднати или запуштени, додека во светот индустријата за кампирање и глемпинг расте кон 144 милијарди долари. Што се случи со камповите во Македонија?

Во времето на социјалистичка Југославија, брегот на Охридското и на Преспанското езеро биле дом на стотици камп-приколки и организирани туристи од целиот регион. Денес, дел од тие некогашни елитни локации се депонии, а дел едвај преживуваат. Истовремено, светската индустрија за кампирање расте со двоцифрена стапка секоја година, движена од млади генерации кои бараат искуства поврзани со природата. Прашањето е зошто Македонија, со своите езера и планини, остана надвор од тој тренд.

Кога кампувањето било елитен туризам

Најмаркантниот пример за таа изгубена ера е автокампот „Треска“ во селото Радожда, на брегот на Охридското Езеро, блиску до албанската граница. Во времето на Југославија, овој камп бил вистинска туристичка населба, броел 300 камп-приколки, 20 бунгалови и апартмани, како и хотелски соби, и бил преполн со туристи од Македонија и регионот. Денес, истата локација ги дочекува посетителите со ѓубре, паднати дрвја и распаднати приколки и бунгалови, од некогашен елитен камп претворен во депонија, на само неколку километри од Струга и еден час од албанскиот Поградец.

Друг историски камп со поинаква судбина е Воениот камп кај Свети Наум, познат како автокамп „Васко Карангелевски“, именуван по македонскиот генерал и народен херој на Југославија. Кампот, кој се наоѓа на една од најубавите плажи во охридскиот регион, првично бил наменет за вработените во тогашната армија, но подоцна станал отворен и за граѓаните. Министерството за одбрана, кое управува со кампот денес, заедно со уште давтокампа во Охрид и Стар Дојран, потврди дека објектот е во лоша состојба – со стари, оштетени тоалети и дотраени приколки но најави дека во наредните буџетски години ќе бидат одвоени средства за подобрување на условите за сместување.

Зошто пропаднаа

Причините за пропаѓањето на камповите не се само занемарувањето. Според анализа на имотната состојба на автокамповите, поголемиот дел од нив немаат расчистени имотно-правни односи – нерешените спорови околу сопственоста се дополнителна причина за застој во развојот на камперскиот туризам во земјава.

Проблемот е и структурен Македонија не е членка на Меѓународната федерација за кампирање и караванирање, организацијата што ги поврзува камповите ширум светот и им помага да добијат меѓународна видливост и стандардизација.

Правната рамка сепак постои. Според „Службен весник на Република Македонија“ од 2013 година, камповите официјално се дефинирани како угостителски објекти што нудат уредено земјиште за сместување на камп-приколки, шатори и возила, поделени во четири категории според квалитетот на условите и услугите. Проблемот не е во отсуството на регулатива, туку во нејзината слаба примена и во нерешените имотни спорови што со години ги држат многу локации во правен вакуум.

Она што остана и она што се роди одново

Не сите кампови исчезнаа. Кампот во Љубаништа, во близина на истоименото село на Охридското Езеро и во подножјето на планината Галичица, останува активна дестинација, опишуван како едно од најубавите места за кампување во земјава, каде што неформалното правило меѓу камперите е да се остане барем три дена за да се почувствува „магијата на природата“.

Автокампот Крани, исто така на Преспанското Езеро, продолжува да нуди сместување за летувања и викенд-одмори. Во Охрид работи и Скаутскиот центар со сопствена плажа на езерото, менза и конференциска сала – хибрид меѓу традиционален камп и организиран туристички капацитет.

Паралелно, во последниве години се роди и сосема нова култура, дивото кампување. Групи ентузијасти, како заедницата „Кампинг Македонија“, составуваат листи на неформални локации ширум земјата од Стење на Преспанското Езеро, преку Мариово покрај Црна Река, до Тиквешкото и Црното Езеро на Шар Планина.

Според сведоштвата на искусни кампери, токму периодот на пандемијата ѝ дал нов замав на оваа поинаква форма на кампување, бидејќи престојот на отворено бил речиси единствениот безбеден начин за социјализација во услови на изолација, што кај помладите генерации создало навика која продолжила и по пандемијата.

Светот оди во спротивна насока

Додека Македонија се бори со имотни спорови и запуштени локации, глобалната индустрија за кампирање доживува експанзија.Според пазарни анализи, светскиот пазар за кампирање и караванирање бил вреден 66,3 милијарди долари во 2025 година, а се проектира раст на 71,4 милијарди во 2026 година и дури 143,9 милијарди долари до 2033 година повеќе од двојно за помалку од една деценија.

Дел од овој раст доаѓа од т.н. глемпинг (луксузно кампување со удобност на хотел, но во природа), чиј пазар се проценува на околу 3,7 до 4 милијарди долари во 2025 година, со очекувана годишна стапка на раст од над 10%.

Движечка сила зад овој тренд се токму помладите генерации милениумците и генерацијата Z, кои преферираат искуства наместо материјални добра и бараат престои погодни за споделување на социјалните мрежи. Само во САД, бројот на нови кампери кои избрале глемпинг наместо традиционално кампување пораснал од 18% во 2021 година на 34% во 2023 година, внесувајќи повеќе од 15 милиони нови учесници во секторот за само пет години.

Растат и трендовите за живеење во комбиња, таканаречениот „ван лајф“ поддржани од социјалните мрежи и сè поприсутни кај помладата популација која бара пофлексибилен начин на патување.

Пропуштена шанса или можност што сè уште чека

Македонија има географски предуслови да биде дел од овој светски тренд езера, планини и национални паркови, но останува надвор од меѓународните мрежи, со нерешени имотни спорови и запуштена инфраструктура наследена уште од времето кога камповите биле елитна туристичка атракција.

Разликата меѓу денешната депонија во Радожда и планираната инвестиција во кампот кај Свети Наум можеби покажува дека промената е возможна, прашање е само дали ќе дојде пред целосно да се изгуби инфраструктурата што некогаш го правела ова место атрактивна дестинација за илјадници туристи секое лето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс