Неколку пациентки денеска симболично ќе излезат пред Министерството за здравство за повторно да предупредат на честите прекини во снабдувањето со онколошка терапија. Од Клиниката уверуваат дека континуитетот на лекувањето не бил нарушен и дека недостигот наскоро ќе биде надминат.
Пациенти од Клиниката за радиотерапија и онкологија денеска ќе одржат симболичен протест пред Министерството за здравство, револтирани од повторниот недостиг на дел од терапиите. Според најавите, поради високите температури ќе учествуваат само неколку пациентки, но велат дека целта е уште еднаш да се укаже на проблемот со честите прекини во снабдувањето со лекови.
Во изминатите денови повеќе пациенти на социјалните мрежи предупредија дека повторно се соочуваат со недостиг на терапија на Клиниката за онкологија и радиотерапија, изразувајќи загриженост дека ова не е изолиран случај, туку проблем што периодично се повторува.
Од Клиниката, пак, соопштија дека кај мал дел од препаратите од позитивната листа на Фондот за здравствено осигурување било евидентирано „краткотрајно доцнење во испораката“, кое го поврзуваат со повеќе фактори – зголемена потрошувачка, поголем број пациенти, периодот меѓу две јавни набавки и делумен недостиг кај дистрибутерите.
„Со навремена институционална координација и во соработка со сите надлежни чинители, најголемиот дел од потребните препарати веќе се обезбедени и доставени на Клиниката, додека преостанатите количини се очекува да бидат достапни во текот на оваа недела“, соопштија од установата.
Од Онкологија истовремено нагласуваат дека, и покрај доцнењето во испораката на дел од лековите, во ниту еден момент не бил доведен во прашање континуитетот на лекувањето, ниту квалитетот на здравствената грижа што им се обезбедува на пациентите.
Сепак, пациентите сметаат дека ваквите уверувања не ја отсликуваат нивната секојдневна реалност. Со денешниот протест тие сакаат повторно да го свртат вниманието кон потребата од сигурно и непречено снабдување со онколошка терапија, истакнувајќи дека за лицата кои се лекуваат од рак секое одложување на терапијата создава дополнителна неизвесност и страв.