Двајца граѓани спасија жена од Вардар кај Камениот мост во Скопје

Двајца случајни минувачи помогнале во спасување на жена од Вардар кај Камениот мост во Скопје. Таа била пренесена во Ургентниот центар.

Брзата и храбра реакција на двајца случајни минувачи денеска помогна да биде спасена жена од Вардар, во близина на Камениот мост во центарот на Скопје, објави „Скопје1“.

Според информациите на порталот, станува збор за жена на возраст од околу 50 години, на која двајца граѓани од Чаир веднаш ѝ притрчале на помош и успеале безбедно да ја извлечат од реката.

На местото пристигнале полиција и Итна помош

Набрзо по спасувањето пристигнале две екипи на интервентната полиција, една екипа на „Алфа“ и екипа на Итната медицинска помош.

Жената била преземена од медицинските екипи и пренесена во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што ѝ била укажана лекарска помош.

Засега нема дополнителни информации за нејзината здравствена состојба, ниту за околностите на настанот.

Благодарение на присебноста и навремената реакција на двајцата минувачи, спасувачката акција завршила успешно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс