Search
По одложување на забраната за пластични ќеси

Еко активисти: Пластичните ќеси ќе се употребуваат се додека се произведуваат

И ова утро Стојан Андоновски тргна кон локалниот пазар. Со себе носи платнена торба. Вели дека избегнува да користи пластични ќеси, не затоа што посебно е загрижен за тоа колку време им треба да се разградат, туку дека чинат пари. И други граѓани размислуваат како него, но ги има и оние кои не ги користат затоа што се штетни за здравјето и природата.

„Од кога ги направија 15 денари скоро никогаш не ги купувам. Две ќеси се како еден леб,  а во оваа сиромаштија секој еден денар е многу, а не 15 за ќеса, па и не се ни квалитетни“, вели Андоновски за Трн додека скромно ја полни торбата со зеленчуци.

Најверојатно употребата на пластичните ќеси во Македонија ќе продолжи уште најмалку 365 дена. Ова доаѓа по одлуката на Министерството за животна средина со која за една година ја одложи целосна забрана за пластични и оксобиоразградливи ќеси за носење стоки во земјава.

Според еко активистите од невладиниот сектор и голем дел од експертската јавност ова е уште еден показател дека граѓаните, па и институциите, немаат голема свест околу ова прашање.

„Забраната на пластичните ќеси е само еден мал составен дел од борбата за намалување на енормното загадување со еднократна пластика од секаков вид“, вели Здравко Савески, член на „Помалку пластика: Иницијатива за ослободување од еднократната пластика“.

Меѓу другото посочува дека во членот 2 од Правилникот за стандардите за биоразградливост е воведен исклучок за пластичните ќеси што се користат во продавниците за текстил итн. и тој исклучок не е предвиден со законот.

„И покрај експлицитната забрана за употреба на пластичните ќеси уште од 2013 година, не се преземаат континуирани мерки да се спречи пуштањето во промет на огромни количини пластични ќеси. Ниту се преземаат мерки за почитување на забраната на еднократната пластика во угостителските објекти во заштитените природни подрачја (како националните паркови, на пример). Малкумина воопшто и знаат дека тоа е забрането од 2021 година, а министерството како да не се грижи ниту за неинформираноста ниту за непримената“, вели Савески

Решението е да не се користат пластичните ќеси

И за Гоу Грин, Здружение за одржлив развој и заштита на животната средина, одлуката за одложување на рокот во последен момент отвора низа прашалници.

„Одлуката на Министерството да ја одложи употребата на пластичните ќеси, во последен момент, отвора низа дилеми за тоа дали требаше порано да се адресира овој проблем и да им се помогне на производителите. Во овој случај не може да се оправдаат и производителите, бидејќи ова не е нешто ново и не е од пред две години. Досега требаше да се адаптираат и да не се соочуваме со ова. Знаеме дека за транзиции се потребни и време и пари, но бараме од Министерството да ни каже дали токму тоа се причините за одложувањето“, вели Мила Јовановска, претседател Гоу Грин Скопје.

Исто така укажува и дека не само производството туку и рециклирањето на пластика за еднократна употреба, вклучувајќи ги и ќесите е процес кој е скап, тежок, но и загадува.

Јовановска истакнува дека последиците од микропластиката не се до крај истражени како влијаат врз здравјето на човекот и животната средина. Сепак бројни истражувања покажале дека кога пластиката се разградува се ослободуваат честички кои можат да завршат не само во почвата и водата туку и во човечкото тело.

„Имаме истражувања со кои е потврдено присуство на микропластика во плацентата кај трудниците, но и во белите дробови кај луѓето. Меѓутоа, долгорочните штетни ефекти од микропластиката врз здравјето на луѓето се уште не се истражени до крај, а ги има со сигурност“, додава Јовановска.

Биопластиката ја поттикнува еволуцијата на пластиката

Биопластиките се големо семејство на различни материјали. Биопластиката не е само еден материјал. Се состои од многу големо семејство на материјали со различни својства и примени. Пластичниот материјал се дефинира како биопластичен ако е био-базиран, биоразградлив или и двете. Односно, биопластиката може да биде биобазирана или биоразградлива, или да ги содржи и двете.

Од меѓународната организација Clabel го објаснуваа биоразградувањето како хемиски процес во кој микроорганизмите во околината ги трансформираат материјалите во вода, јаглерод диоксид и компостираат природни материи без потреба од вештачки адитиви.

„Процесот на биоразградување зависи од условите на околината, како што се локацијата, температурата и влажноста, материјалот и примената. Биоразградувањето не е поврзано со изворот на материјалот, туку со неговата хемиска структура. Со други зборови, 100 проценти пластика базирана на био не е биоразградлива, но 100 проценти пластика базирана на фосили е“, појаснуваат од clabel.org/mk.

Македонија има капацитети за рециклирање, но процесот е скап и неисплатлив

„Останува да им веруваме на зборови на производителите за тоа што има во составот на ќесите, нигде точно не е прецизирано од што се направени“, потенцира Јовановска од Гоу Грин Скопје.

„Производителот е тој што ни кажува дали во составот има или нема пластика. Тоа му го дозволува стандардот за производство, производителот сам да го декларира производот, односно ќесата. Со тоа не се знае дали ќесата е целосно биоразградлива, без никакво присуство на пластика, или пак е мешан состав на пластика и разградливи материјали“, заклучува Јовановска.

Од први декември 2021 година се забрани употребата на пластични кеси за еднократна употреба во Македонија. По девет месеци од ваквата одлука, тогаш од Министерството се пофалија дека за 10 пати е намалена употребата на пластични кеси.

„За периодот од 1 јануари до 1 декември 2021 продадени/дадени бесплатно се 27 922 721 кеси, додека од 1 декември 2021 до 30 октомври 2022 од кога се применуваат законските измени, продадени се 4 187 746 пластични кеси“, велат од Министерството.

Според законот, парите од продажбата на ќесите одат во специјален фонд за животна средина. Од донесувањето на Законот до декември лани во тој фонд собрани се средства во висина од 120 милиони денари.

За активистите делумни ограничувања се и половични решенија

„Воведувањето цена од 15 денари за пластичните кеси што се продаваат на касите во одреден број трговски објекти покажа дека граѓаните можат да преминат на повеќекратни алтернативи на пластичните кеси, кога тие ќе им бидат понудени“, велат од „Помалку пластика: Иницијатива за ослободување од еднократната пластика“.

Истакнуваат дека добиваат впечаток како надлежните самите да се вклучени во кршење на законската забрана на пластичните ќеси. Таквата констатација ја темелат на содржината на Правилникот за стандардите за биоразградливост и неговата последна измена.

„Ние како Иницијатива во повеќе наврати апелиравме до Министерството да издвои многу мал дел од собраните парични средства од наплатата на пластични кеси да распише тендер за производство на мрежи за овошје и зеленчук, како поттик за нивно понатамошно производство и употреба. Во Министерството воопшто не наидовме на слух за тоа. Тие повеќе се расположени самите да се вклучат во кршење на законската забрана на пластичните кеси, за што сведочи содржината на Правилникот за стандардите за биоразградливост и неговата последна измена“, вели Здравко Савески од Иницијатива за ослободување од еднократната пластика.

Јовановска: Рециклирањето на пластиката за еднократна употреба е неисплатливо

„Треба да целиме кон целосно исфрлање на пластиката за една употреба, вклучувајќи ги и ќесите. Само доколку ги нема тогаш и нема да ги користиме“, појаснува Јовновска од Гоу Грин Скопје.

Меѓу другото, како проблем со пластичните ќеси го посочуваат не самиот скапиот процес на рециклирање туку аспектот и на загадување.

„Европската унија веќе две – три години како ја забрани употребата на пластиката за еднократна употреба. Таа е најштетна и најтешка за рециклирање. Системот за собирање и рециклирање на оваа пластика е тежок и скап. Кај нас во Македонија иако има капацитети за рециклирање на пластика тие едноставно не прифаќаат пластика за еднократна употреба, а уште помалку ќеси. Верувајте никој не се нафаќа на тој процес бидејќи е многу тешко да се собираат, па и да се рециклираат пластичните ќеси. Решението е да ги нема“, децидни се од Гоу Грин Скопје.

Маркетите и пазарите најдоа „дупка“ во законите и ги решија маките – Ќеси со и без рачки

По стапувањето на сила на забраната за употребата на пластични кеси за еднократна употреба во Македонија голем дел од трговците смислија решение. Почнаа да даваат бесплатни ќеси без рачки доколку купувате овошје и зеленчук. Според познавачите на ситуацијата тоа им го овозможуваат непрецизностите во законските решенија.

За многумина од граѓаните поисплатливо е да купат еден лимон и во таа ќеса да стават се друго што купиле од што да платат 15 денари на каса за ќеса со рачки.

„Си носам торба, како што беше во Југославија кога немаше ќеси, но се случува некогаш да заборавам да земам. Ако купам повеќе работи и за да не давам 15 денари за ќеса си купувам и еден лимон и во таа ќеса без рачки си ги ставам другите производи“, вели Трајанка Стојкова, која секој ден оди во маркет по намирници.

Смета дека дури ги има, па колку и да чинат, ќе се користат. Едноставно тоа што е достапно е и употребливо. Пластичните ќеси без рачки се штетни колку и тие со рачки, уверуваат активистите.

„Праксата ќеси со и без рачки е буквално своеволно интерпретирање на законот и што е всушност тоа ќеса. Инаку никаде не е е пропишано дека пластична ќеса без рачки не е пластична ќеса, едноставно се работи за дизајн и функција“, објаснуваат од Гоу Грин Скопје.

За да се рециклира биопластиката мора да е одделена од конвенционалната

Поради нивните различни хемиски состави, биоразградливата пластика мора да се оддели од конвенционалните текови на пластичен отпад за да се обезбеди висококвалитетно производство на рециклирање и издржливост на пластичните производи. Мешањето конвенционална и биоразградлива пластика во отпадоци ги загрозува постојните напори за зголемување на стапката на рециклирање пластика.

Од Центарот за климатски промени апелираат дека секој граѓанин може да го даде својот придонес со едноставни активности кои сепак имаат голем импакт.

Намалете го отпадот и рециклирајте за да ги намалите емисиите на CO2, заштедете енергија со користење на енергетски ефикасни уреди и прифаќање на обновливите извори, одлучете се за одржлив транспорт, како возење велосипед за да го намалите загадувањето“, апелираат од Центарот за климатски промени.

Според последните истражувања, во светот секоја година се произведуваат околу 400 милиони тони пластичен отпад, а до 2050 година глобалното производство на пластика се предвидува да достигне 1.100 милиони тони. Во една минута се купуваат еден милион пластични шишиња. Секоја година се користат до пет билиони пластични кеси, а половината од произведената пластика е за еднократна употреба.

Инаку годинешниот Светски ден на животната средина, 5-ти јуни, се одбележа под мотото „Време е да го победиме загадувањето од пластиката“ (It is time to #BeatPlasticPollution). Годинава, фокусот е ставен на отпадот, особено пластиката, како потсетник дека активностите на луѓето за намалување на загадувањето на природата се важни, како и дека транзиција кон кружна економија и чекорите што владите и бизнисите треба да ги преземаат мора да се забрзаат.

Сепак, Стојан Андоновски и утре ќе оди на пазар и како што вели ако заборави ќеси, или торбата што ја понел е тесна за да собере се што купил од пазар ќе купи и ќеса.

Пред половина деценија ЕУ стави крај на пластиката за еднократна употреба

По долги преговори, државите на ЕУ во декември 2018 година се договорија да ја забранат пластиката за еднократна употреба.

Преговарачите на Европскиот парламент и Европската комисија тогаш постигнаа согласност за ЕУ-забрана на пластични чинии, цевки и други производи за еднократна употреба од пластика.

Според бројките од 2018 година кога падна договорот, ЕУ на годишно ниво произведувала 26 милиони тони пластичен отпад, една четвртина од вкупниот отпад во светот. Само 30% од тоа можеле повторно да се употребат.

Најново

Последни колумни