Американската војска соопшти дека извршила нови напади врз цели во јужен Иран, и покрај актуелното примирје меѓу Вашингтон и Техеран. Според Централана команда на САД, нападите биле насочени кон ракетни лансирни позиции и пловила кои, како што тврдат од американската страна, се обидувале да постават мини во близина на Ормусткиот теснец. Од CENTCOM наведуваат дека акцијата била спроведена во „самоодбрана“ со цел заштита на американските сили и сојузници во регионот.
Експлозии во Бандар Абас
Во текот на ноќта неколку експлозии одекнале во јужниот ирански град Бандар Абас, по што бил активиран системот за противвоздушна одбрана. Иранските медиуми јавуваат дека експлозиите се слушнале во близина на аеродромот и воени објекти во градот, кој се смета за една од најважните стратешки точки на Иран поради неговата позиција покрај Ормутскиот Теснец.
Иранската Револуционерна гарда соопшти дека противвоздушната одбрана реагирала на „непријателски цели“, додека полуофицијалната агенција Fars News Agency објави дека слични експлозии биле регистрирани и во близина на градовите Сирик и Јаск.
Преговорите во застој
Новите напади се случуваат во момент кога Вашингтон и Техеран тврдат дека е постигнат одреден напредок во мировните преговори. Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека преговорите доцнат поради несогласувања околу формулациите во договорот, но порача дека Хормушкиот Теснец „мора да остане отворен“.
Од иранска страна потврдија дека постои „рамка за договор“, но нагласија дека конечен мировен договор сè уште не е постигнат.
Нафтата повторно реагира
По веста за новите американски напади, цените на нафтата повторно се зголемија, откако претходно паднаа под 100 долари за барел поради оптимизмот околу можен мировен договор. Цената на суровата нафта Brent порасна за околу 1,5 проценти и достигна речиси 98 долари за барел. Тензиите околу Ормутскиот Теснец продолжуваат внимателно да се следат од светските пазари, бидејќи низ теснецот поминува значителен дел од глобалниот транспорт на нафта и гас.