Фудбалскиот бум ги наполни благајните на Airbnb до 3,6 милијарди долари

Светското првенство во Северна Америка ги поттикна резервациите на рекордни нивоа, додека бизнисот со хотели расте трипати побрзо од приватниот смештај.

Платформата за изнајмување смештај Airbnb во вториот квартал од 2026 година оствари приход од 3,61 милијарди долари, што претставува скок од 16,4 отсто во споредба со истиот период лани. Клучниот поттик за овој рак дојде од зголемената побарувачка за патувања за време на Светското фудбалско првенство во САД, Канада и Мексико. Нето добивката на компанијата достигна 816 милиони долари, што е зголемување за 27,1 отсто.

Вкупната вредност на резервациите на платформата порасна за 16 отсто и достигна 27,2 милијарди долари. Во периодот од април до јуни беа резервирани 148,3 милиони ноќевања и седишта ширум светот. Северна Америка, која историски носи над 40 отсто од приходите на Airbnb, забележа најдобар резултат во последните три години со висок едноцифрен раст на резервациите.

Побарувачката поврзана со фудбалскиот шампионат го разбранува целиот туристички сектор, остварувајќи позитивен ефект и кај конкурентските платформи Booking и Expedia. Сепак, податоците покажуваат интересен пресврт во навиките на патниците. Бројот на резервирани хотелски ноќевања преку Airbnb се зголемуваше речиси трипати побрзо од приватниот смештај, иако хотелите сè уште учествуваат со едноцифрен процент во вкупниот волумен на платформата.

Силниот раст на пазарите во Бразил и Индија го ублажи притисокот врз меѓународните патувања. Одалечените дестинации се соочија со предизвици поради воените случувања во Иран, кои доведоа до пренасочување на летовите и поскапување на авиогоривото. Сепак, туристичката побарувачка на Блискиот Исток покажува знаци на постепено закрепнување. За целиот тек на 2026 година, раководството на Airbnb очекува вкупен раст на приходите од најмалку 15 отсто.

е-Трн да боцка во твојот инбокс