Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денеска ќе одбележи два значајни јубилеи – 15 години од своето основање и 7 Јуни, Светскиот ден на безбедноста на храната, кој годинава се одржува под мотото „Од товар до решенија – Безбедна храна насекаде“.
Настанот ќе биде посветен на унапредувањето на системот за безбедност на храната, здравјето и благосостојбата на животните, како и на заштитата на јавното здравје. Во фокусот ќе бидат современите пристапи, дигиталните решенија и институционалната соработка во справувањето со актуелните предизвици во овие области. Со воведни обраќања ќе се обратат директорот на АХВ, Оливер Миланов, и заменик-претседателот на Владата задолжен за политички систем, Љупчо Димовски.
На присутните ќе им бидат презентирани и видео-пораки од претставници на Европската агенција за безбедност на храната (EFSA), Европската комисија и Светската организација за здравје на животните (WOAH), кои ќе ја нагласат важноста на меѓународната соработка во обезбедувањето безбедна и квалитетна храна.
Во рамки на програмата ќе се одржат три тематски тркалезни маси. Тие ќе бидат посветени на дигитализацијата и современите системи за контрола на безбедноста на храната, на институционалната, научната и регионалната соработка, како и на координацијата во областа на здравјето на животните и справувањето со новите болести и закани.
Од АХВ посочуваат дека настанот ќе обедини претставници на државните институции, меѓународните организации, академската заедница, граѓанскиот сектор и професионалните здруженија од земјава и регионот. Целта е размена на искуства, знаења и добри практики кои ќе придонесат за понатамошно зајакнување на системот за безбедност на храната и заштита на јавното здравје. Јубилејот претставува можност да се направи осврт на досегашните достигнувања на АХВ, но и да се отворат нови перспективи за развој на современ, ефикасен и одржлив систем за контрола на храната, во согласност со европските стандарди и глобалните предизвици.