Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) идната недела ќе ги објави имињата на компаниите кај кои биле утврдени неправилности во декларирањето на млечните производи, најави директорот на АХВ, Оливер Миланов. Тој истакна дека производите не претставуваат ризик за здравјето на граѓаните, но дека проблемот е во тоа што нивниот вистински состав не одговарал на она што било наведено на декларацијата, што значи дека потрошувачите биле доведени во заблуда за квалитетот на производите што ги купуваат.
Според Миланов, контролите опфатиле 10 домашни компании, од кои две се занимаваат со увоз на млечни производи. По откриените неправилности веќе се изречени парични казни, а АХВ најавува засилени инспекциски контроли. Наместо проверките да бидат насочени само кон маркетите, инспекторите ќе вршат надзор и во производствените капацитети.
Анализите на млечните производи на македонскиот пазар покажале сериозни отстапувања меѓу декларираниот и реалниот состав на дел од производите. Во јавноста се отвори дебата за потребата од измени во законската регулатива и воведување построги санкции за производителите кои користат поевтини растителни замени, а притоа не ги наведуваат соодветно на декларациите.
Директорот на АХВ порача дека безбедната храна не е привилегија, туку основно право на секој граѓанин и најави дека институцијата ќе продолжи со засилени контроли за заштита на потрошувачите.