Германија пред тест во Саксонија-Анхалт: АфД води, растат безбедносните ризици

Анкетите предвидуваат 40 отсто за крајната десница, но патот до власт бара компромис меѓу ривалите.
Фото: EPA-EFE/FILIP SINGER

Крајно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) влегува како фаворит на утрешните покраински избори во германската сојузна покраина Саксонија-Анхалт, каде што анкетите на јавниот сервис ЗДФ и предвидуваат до 40 отсто од гласовите. Сепак, силниот изборен резултат на десничарите не им гарантира автоматско влегување во покраинската влада во Магдебург. Демохристијаните на премиерот Свен Шулце и другите партии се соочуваат со дилема дали да го задржат таканаречениот политички противпожарен ѕид.

Според истражувањето за ЗДФ, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) заостанува на второто место со 23 отсто поддршка. По нив следуваат Левица со 13 отсто, Социјалдемократската партија (СПД) со девет и Зелените со шест отсто.

Досегашната коалиција меѓу ЦДУ, СПД и Зелените со вакви бројки губи мнозинство. Опстанокот на власта без десничарите би барал малцинска влада со премолчена поддршка од Левицата, што за конзервативците претставува тежок идеолошки компромис. Официјален Берлин и лидерот на ЦДУ, канцеларот Фридрих Мерц, се залагаат за строга блокада на соработка со двете екстремни крила.

Сличен ѕид веќе попушти во соседните Тирингија и Саксонија, каде што ЦДУ функционира токму со премолчена согласност на Левицата за да го спречи влезот на АфД. Во Саксонија-Анхалт дел од ветераните на партијата, меѓу кои е и поранешниот покраински претседател Карл-Хајнц Дере, отворено се противат на договор со наследниците на некогашната источногерманска социјалистичка партија.

Главниот кандидат на АфД во покраината, Улрих Зигмунд, ја водеше кампањата на култниот источногермански мопед „Симсон“, таргетирајќи го чувството на носталгија кон животот во поранешниот ДДР. Наследниците на семејството Симсон јавно протестираа против ваквата употреба на нивното име од страна на политичка партија што редовно флертува со ревизионизам.

Зигмунд пред гласачите призна дека целта е целосна блокада на противниците. Како главен столб на својата програма АфД го наметна концептот за таканаречена „ремиграција“ — масовно иселување и депортација на граѓани со странско потекло.

Во Саксонија-Анхалт странските државјани сочинуваат околу седум отсто од населението, што е половина од германскиот сојузен просек. И покрај тоа што локалното здравство и индустријата директно зависат од оваа работна сила, темата за имиграцијата стана доминантна во изборната дебата.

Евентуалната контрола на АфД врз покраинските институции отвора сериозни сомнежи во одбранбениот и разузнавачкиот сектор. Заменик-претседателот на парламентарниот одбор за надзор на тајните служби во Бундестагот, Константин фон Ноц од редовите на Зелените, предупреди на можноста десни екстремисти да добијат пристап до доверливи бази на податоци.

Германските разузнавачки служби разменуваат безбедносни информации за хибридни закани, а сојузната Служба за заштита на уставниот поредок претходно означи неколку покраински ограноци на АфД како екстремистички и противуставни. АфД најави дека доколку добие апсолутна власт ќе бара укинување на оваа служба или смена на нејзиното раководство.

Партијата отворено бара прекин на воената помош за Украина и обновување на увозот на руски гас. Победа во Саксонија-Анхалт би значела силен ветар во грб за десничарите пред претстојните септемвриски избори во Берлин и Мекленбург-Западна Померанија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс