На територијата на државата се регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор, од кои два се сè уште активни, соопшти утрово Центарот за управување со кризи. Огнената стихија гори во општините Ѓорче Петров и Македонски Брод, пет пожари се ставени под контрола, додека 24 се целосно изгаснати во текот на изминатите 24 часа.
Критична точка останува скопското село Грачани во Општина Ѓорче Петров, каде што гори шума. Според информациите од ЦУК, овој пожар ја преминал граничната линија и во моментов е активен и на територијата на Република Косово.
Вториот активен пожар е лоциран во Општина Македонски Брод, во атарот на селото Белица. Таму на месноста Кајорец гори нискостеблеста деградирана и мешана шума, каде екипите се обидуваат да го спречат неговото понатамошно ширење.
Противпожарните служби успеаја да стават под контрола пет пожари. Меѓу нив е пожарот во Општина Струга на потегот меѓу селата Буринец, Локов и Селци, каде што гореше нискостеблеста шума, како и пожарот кај селото Копаница во Општина Сарај.
Под контрола е и огнот на месноста Рамно кај селото Брест во Општина Чучер-Сандево. Покрај шумските предели, пожарникарите го изолираа огнот и на две градски депонии – во Кратово и во Делчево, со што е спречено понатамошно загадување и ширење кон околните објекти.
Во текот на изминатото деноноќие целосно се ликвидирани 24 пожари на отворено. Интервенции имаше во скопските општини Сарај, Гази Баба, Арачиново и Сопиште, како и во пелагонискиот, струмичкиот, вардарскиот и полошкиот регион. Најголем дел од изгаснатите пожари зафатија сува трева, стрништа, ниска вегетација и диви депонии.