Трагедија во Ла Паз: Десетици настрадани по експлозија во воена база

Министерот за одбрана потврди десетици настрадани во Виача, но властите чекаат целосна верификација пред да објават број на загинати.

Најмалку 60 лица се повредени во силна експлозија што се случи во петокот во воен објект во градот Виача, во боливискиот департман Ла Паз. Боливискиот министер за одбрана Ернесто Хустинијано соопшти дека меѓу настраданите има 52 цивили и шестмина војници, додека надлежните служби на терен сè уште ги утврдуваат првичните информации за евентуални жртви.

Експлозијата избувнала во зоната каде што била складирана пиротехничка опрема, потврди министерот Хустинијано преку своите канали на социјалните мрежи. Силината на ударот предизвикала значителна материјална штета врз касарната и околните објекти.

Хустинијано наведе дека постојат прелиминарни извештаи за можни смртни случаи, но нагласи дека институциите нема да излезат со официјални податоци за загинати сè додека теренските екипи целосно не ја проверат секоја информација.

Причините за активирање на пиротехниката сè уште не се утврдени и во тек е детална истрага. Инцидентот отвора сериозни дилеми околу складирањето опасни и запаливи материјали во воени комплекси сместени близу цивилни зони. Локалните болници ги згрижуваат повредените, а спасувачките тимови го пребаруваат оштетениот терен за да утврдат дали има заглавени лица под урнатините.

е-Трн да боцка во твојот инбокс