Тетово ќе плати за обнова на искршената маркација кон Титов Врв

Вандали уништија повеќе од 45 столбови вредни 8.000 евра, а Општината најави целосна санација пред почетокот на зимската сезона.

Општина Тетово финансиски ќе ја покрие обновата на искршената маркација на патеката Попова Шапка – Титов Врв на Шар Планина, најави денеска градоначалникот Билал Касами по увидот на теренот. Вандалскиот напад уништи над 45 столбови за зимско обележување, правејќи штета од околу 8.000 евра и загрозувајќи ја безбедноста на планинарите непосредно пред новата сезона.

Градоначалникот Касами и австрискиот амбасадор Мартин Памер денеска извршија увид на оштетената патека од Попова Шапка до Титов Врв. Заедно со директорот на Националниот парк, Евзал Елмази, и претставници на здружението „Одржливи Авантуристички Патувања“, тие ги разгледаа последиците од неодамнешното кршење на патеката.

Оштетената инфраструктура беше поставена од повеќе од 25 волонтери во рамките на „Проектот Славков“, со поддршка од Австриската амбасада. За поставување на ознаките беа потребни неколку месеци работа во тешки високопланински услови.

Последиците од уништувањето на ориентациските знаци се почувствуваа веднаш. Помалку од две недели по вандалскиот чин, турист од Бугарија се изгуби токму на делот од патеката каде што недостасуваа ознаките.

Столбовите имаат улога да обезбедат видливост и насока при густа магла, снег и силен ветар. Без нив, ризикот од несреќи нагло се зголемува, што резултира со скапи спасувачки акции и ангажман на полициски хеликоптери на теренот.

Општина Тетово вети дека парите за нови столбови ќе бидат префрлени брзо за патеката да биде безбедна пред првите зимски денови. Институциите испратија порака дека уништувањето јавен имот нема да помине без санкции.

„За уништување на еден столб од планинарската маркација се потребни само неколку минути. За изградба на инфраструктурата се потребни месеци работа, соработка и посветеност – нешто од што не сме подготвени да се откажеме“, соопштија партнерите на проектот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс