Организирана група од шест лица и три фирми со години ги крадела парите што граѓаните ги плаќале при регистрација на возила. Преку станица за технички преглед во скопско Кучевиште и осигурително брокерско друштво, осомничените направиле шема за регистрација на возила преку која присвоиле 138,8 милиони денари (над 2,2 милиони евра). Наместо во државните институции, парите со лажни извештаи се прелевале на приватни сметки и завршувале како позајмици за купување недвижности.
Од почетокот на 2021 до почетокот на 2026 година, управителот на станицата за технички преглед од Кучевиште, С.С., заедно со раководителот Д.М., доставувал лажирани извештаи за наплатените такси. Граѓаните уредно си ги подмирувале сите давачки при регистрација, но уплатите не оделе кај надлежните органи. Извештаите со фалсификувани податоци редовно биле испраќани до Министерството за животна средина, Црвениот крст, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и општините.
Целиот финансиски тек се прикривал преку осигурително брокерско друштво. Иако законот наложува на сметка на брокер да легнуваат исклучиво средства од полиса за осигурување, таму се слевале сите државни надоместоци. Членовите на одборот на директори на брокерското друштво, Ш.С. и З.Ѓ., свесно ги мешале овие средства со редовниот прилив, прикажувајќи ги најчесто како позајмици со кои подоцна се купувале недвижности.
Во измамата директно помогнал и целосниот изостанок на контрола одвнатре. Т.М., помошник-директор за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), свесно пропуштила должен надзор над уплатите за патна такса. Наместо да ги проверува извештаите и да бара наплата на разликите, таа директно го известувала раководителот на техничкиот преглед за тоа колку пари легнале на сметката на јавното претпријатие.
Со ваквото работење, само на штета на ЈПДП била овозможена противправна корист од 48,4 милиони денари. Сметководственото покривање го вршел овластениот сметководител М.Д., кој во завршните сметки и даночните пријави внесувал невистинити бројки што немале допир со реалноста.
Најголем дел од украдените 2,2 милиони евра требало да завршат кај локалните самоуправи. Преку неплатена комунална такса и зафаќања за општинските буџети се одлеале дури 83,3 милиони денари. Министерството за животна средина е оштетено за 5,5 милиони денари од ненаплатени еколошки надоместоци, а Црвениот крст за речиси 1,5 милиони денари.
При полициските претреси на повеќе локации во Скопје се уапсени тројца од осомничените (С.С., Ш.С. и З.Ѓ.). Полицијата заплени околу 28 илјади евра во различни валути, телефони и два автомобили. Единицата за финансиски криминал при МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе кривична пријава против шесте лица и три фирми за проневера во службата, перење пари и несовесно работење.