Европа надмина илјада случаи на Западен Нил: Вирусот најсилно удира на југот

Италија и Грција бројат стотици инфицирани, додека во Македонија веќе се регистрирани 56 заболени и седум починати лица од почетокот на сезоната.

Бројот на локално пренесени инфекции со Западен Нил во Европа надмина 1.000 случаи од почетокот на оваа сезона на пренос, соопшти Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ). Најновиот неделен извештај заклучно со 3 септември евидентира 1.086 заразени лица во вкупно 15 европски држави, со остар пораст на инфекциите кон крајот на летото. Бранот истовремено силно ја погоди и Македонија, каде главниот град Скопје останува главно жариште.

Инфекцијата во европските земји се прошири забрзано во последните недели. На почетокот на август беа пријавени нешто повеќе од 240 случаи во седум земји, за сега таа бројка да се учетворостручи. Погодени се вкупно 144 региони низ Европа.

Италија е најпогодена со 516 регистрирани случаи и 62 засегнати области. По неа следи Грција со 284 пријавени инфекции, додека во Шпанија се евидентирани 88 заболени. Европските здравствени власти предупредуваат дека овие бројки не ја покажуваат целосната слика на терен поради асимптоматските случаи.

Германскиот институт „Роберт Кох“ проценува дека околу 20 проценти од инфицираните развиваат симптоми слични на грип. Сериозна клиничка слика се јавува кај приближно еден од 100 пациенти, но компликациите и долгорочните последици се чести кај оние со тешка форма на болеста.

Регионалната слика е сериозна и во Македонија. Според официјалните податоци на Институтот за јавно здравје заклучно со 1 септември, во земјата се потврдени 56 случаи, од кои дури 54 се жители на Скопје.

Седум лица досега починаа како последица на компликации од вирусот. Сите починати се мажи од Скопје на просечна возраст од 73 години, а кај повеќето од нив претходно биле дијагностицирани хронични придружни болести.

Над 80 отсто од заболените во Македонија се постари од 60 години, а 54 пациенти развиле тешка невроинвазивна форма која наложила болничко лекување на Инфективната клиника. Речиси сите случаи во земјата се автохтони и пренесени преку домашните комарци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс