Рускиот товарен брод „Спарта II“, кој е поврзан со транспорт на воена опрема за руската армија, утрово беше нападнат од два беспилотни летала во Финскиот Залив. На бродот избувна пожар, а руските власти објавија дека започнала евакуацијата на екипажот.
Идентитетот на бродот го објави финскиот јавен радиодифузен сервис Yle, повикувајќи се на естонската полиција. Тој ѝ припаѓа на руската компанија Oboronlogistika, која е поврзана со Министерството за одбрана и транспортира воен товар.
Естонската полиција добила пријава за пожарот во 9:35 часот по локално време. Според првите информации, на бродот одекнале експлозии додека пловел по меѓународната морска рута кон руската енклава Калининград.
Во времето на инцидентот, бродот се наоѓал околу 11 наутички милји северно од естонскиот остров Ваиндло, во областа под јурисдикција на Рускиот поморски центар за спасување во Санкт Петербург.
Гувернерот на рускиот Ленинградски регион, Александар Дрозденко, потврди дека бродот бил погоден од два дрона. Според него, нападот се случил во меѓународни води, на околу три наутички милји од руската поморска граница.
„Екипажот моментално е евакуиран. Последиците од инцидентот сè уште се утврдуваат“, објави Дрозденко. Во моментов нема потврдени информации за повредени или за обемот на штетата, а не е познато и каков товар превезувал бродот.
Бродот претходно транспортирал руско оружје.
„Спарта II“ не е обичен трговски брод. Според украинското воено разузнавање, тој бил вклучен во транспорт на руска воена опрема, вклучително и оружје, од Сирија во Русија.
Украинското разузнавање известува дека во август 2022 година, „Спарта II“ транспортирал системи за воздушна одбрана С-300 од Сирија до руското пристаниште Новоросијск, веројатно за потребите на војната против Украина.
Бродот е во сопственост на „Оборонлогистика“, компанија која обезбедува логистички услуги на руското Министерство за одбрана. Нејзините активности вклучуваат транспорт на воена опрема, снабдување на руските сили и испорака на товар до окупираниот Крим.
САД воведоа санкции за „Спарта II“ во мај 2022 година поради неговите врски со „Оборонлогистик“. Украина, исто така, го додаде на својот список на санкционирани бродови во мај оваа година.
