ЕУ го запре увозот на бразилско месо, Бразил се заканува со контрамерки

Брисел спушти рампа поради спорни хормони и антибиотици за раст кај добитокот, додека амбасадорот на Бразил порача дека сите опции се на маса.

Европската комисија ја активираше одлуката со која официјално го забрани увозот на месо од Бразил, откако земјата беше избришана од листата на држави кои ги почитуваат строгите безбедносни стандарди за храна на Европската Унија. Причина за ваквиот чекор е користењето антибиотици за поттикнување раст кај животните. Владата во Бразилија реагираше експресно, најавувајќи можни трговски контрамерки доколку Брисел не ја преиспита одлуката.

Одлуката на Европската комисија стапи во сила неделава откако инспекциските наоди покажаа дека Бразил повеќе не ги исполнува европските правила за безбедност на храната. Во фокусот на европските регулатори е практиката на давање антибиотици на животните со цел побрз раст, што е строго забрането според стандардите на ЕУ.

Европската унија паралелно спроведува ревизија за увозот на живинско месо и мед. Од Комисијата посочуваат дека од бразилските власти не добиле соодветни гаранции кои би овозможиле редовна и веродостојна контрола врз производството на говедско месо.

Бразилскиот амбасадор при Европската Унија, Педро Мигел да Коста е Силва, излезе со остар став против мерките на Брисел. Според него, ревизијата и инспекциите на терен не биле неопходни, бидејќи Бразил веќе доставил доволно гаранции за квалитетот на своите производи.

„Немаше потреба од ревизија, ниту за живината, ниту за медот, ниту за говедското месо, бидејќи такви контроли не се спроведуваат за други земји. Дадовме доволни гаранции“, изјави амбасадорот Да Коста е Силва, пренесе Јуроњуз.

Тој потврди дека дипломатските контакти со Европската комисија ќе продолжат, но испрати јасно предупредување: сите опции остануваат на маса доколку пазарот остане затворен за бразилските земјоделски производи.

Забраната доаѓа во чувствителен момент за глобалните синџири на снабдување со храна. Бразил важи за еден од најголемите светски извозници на говедско и пилешко месо, па прекинот на испораките кон европскиот пазар отвора прашање за притисок врз цените на месото во европските маркети.

За пазарите како македонскиот, кои во голема мера се потпираат на увоз на суровини и преработки од ЕУ, секој ценовен потрес во европската прехранбена индустрија може индиректно да се прелее врз крајните малопродажни цени на месните преработки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс