АЕТМ отвора циклус на настани со дебата за влијанието на инфлуенсер маркетингот

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) утре ќе го организира првиот E-commerce Meetup, посветен на улогата на инфлуенсер маркетингот во современото работење. Настанот е вовед во 9. Регионална конференција за е-трговија 2026, која ќе се одржи на 3 ноември во Скопје.

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) утре ќе го започне циклусот активности во пресрет на 9. Регионална конференција за е-трговија 2026, која годинава ќе се одржи на 3 ноември во Националната опера и балет во Скопје.

Првиот E-commerce Meetup, што ќе се одржи во Casa Bar, ќе биде посветен на една од најактуелните теми во дигиталниот маркетинг – влијанието на инфлуенсер маркетингот врз продажбата, градењето на брендот и довербата кај потрошувачите.

Во фокусот на панел-дискусијата ќе биде прашањето дали инфлуенсер маркетингот навистина генерира продажба или неговата најголема вредност лежи во зголемувањето на препознатливоста на брендот, создавањето доверба и воспоставувањето долгорочни односи со потрошувачите.

Настанот ќе отвори дискусија и за тоа како компаниите ги избираат инфлуенсерите со кои соработуваат, кои критериуми се користат за мерење на успешноста на кампањите, со какви предизвици најчесто се соочуваат брендовите и креаторите на содржина, како и кои практики носат најдобри резултати.

На панелот ќе учествуваат Дијана Илиевска, Campaign Manager во Ananas.mkАлександра Стојановиќ, Marketing Manager во Fashion Group MacedoniaДрагана Ѓоќиќ, Head of Strategic Marketing во Korpa.mk, како и инфлуенсерот Стефан Спирковски. Модератор на дискусијата ќе биде Димитар Атанасовски, ко-основач на Idea Lab.

Од АЕТМ информираат дека учеството на настанот е бесплатно, но заинтересираните треба претходно да се пријават поради ограничениот број места.

Со овој настан, АЕТМ го најавува почетокот на серијата активности што ќе кулминираат со Регионалната конференција за е-трговија, која традиционално ги собира претставниците на компаниите, дигиталните експерти, маркетинг професионалците и претприемачите од регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс