Меѓународна работилница во Битола: Експерти од три земји заедно го штитат културното наследство на Преспа

НУ Завод и Музеј Битола беше домаќин на меѓународна стручна работилница за конзервација на културното наследство во рамки на проектот ACT4PRESPA. Експерти од Северна Македонија, Грција и Албанија преку теренска работа разменија искуства и современи практики за заштита на значајни културни локалитети.
Screenshot

Зачувувањето на културното наследство најдобро се учи на самите споменици на културата, преку практична работа и размена на знаење. Токму со оваа цел, НУ Завод и Музеј Битола, како водечки партнер во проектот ACT4PRESPA, организираше дводневна меѓународна работилница за конзервација.

На работилницата учествуваа конзерватори, реставратори, архитекти, археолози и други стручни лица од Северна Македонија, Грција и Албанија. Наместо класични предавања, програмата беше реализирана директно на локалитетите каде што се спроведуваат конзерваторски интервенции, овозможувајќи им на учесниците практична размена на искуства.

Во текот на првиот ден беа посетени Јени џамија и археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис во Битола. Таму беа презентирани тековните активности за конзервација на архитектурата, ѕидното сликарство и археолошкиот материјал, како и предизвиците со кои се соочуваат стручните тимови.

Вториот ден беше посветен на културното наследство во Преспанскиот регион. Учесниците ги посетија црквата „Св. Петка“ во Брајчино, каде беа претставени резултатите од конзервацијата на ѕидното сликарство реализирана во рамки на проектот ACT4PRESPA, како и црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, каде беа презентирани интервенциите на архитектурата и фрескоживописот. Работилницата заврши со посета на Сарајот во Ресен, каде беа презентирани активностите за конзервација на покривната конструкција.

Работилницата е дел од проектот ACT4PRESPA, финансиран од Европската Унија во рамки на Програмата за одржлив развој на регионот на Преспанското Езеро. Проектот има цел да ја зајакне прекуграничната соработка и да создаде трајни професионални партнерства меѓу институциите задолжени за заштита на културното наследство.

Ова е првата од трите предвидени стручни работилници во рамки на ACT4PRESPA. Следните две ќе бидат организирани од партнерските институции во Грција и Албанија, со што ќе се заокружи циклусот на соработка меѓу експертите од трите земји.

Со ваквиот теренски пристап, проектот придонесува за создавање силна регионална мрежа на професионалци, чија заедничка цел е зачувување на културното наследство како вредно сведоштво за историјата, идентитетот и културната разновидност на Преспанскиот регион.

е-Трн да боцка во твојот инбокс