Тројца малолетници уапсени во Германија поради сомнение за тероризам

Осомничените имаат 14 и 15 години. Германското обвинителство ги поврзува со крајнодесничарска група која, според истрагата, планирала напад врз сместувалиште за баратели на азил.

Тројца малолетници во Германија беа уапсени на 25 ноември под сомнение дека членувале во крајнодесничарска терористичка група. Германската федерална криминалистичка полиција ги приведе во Бранденбург, Долна Саксонија и Шлезвиг-Холштајн, по налози издадени од истражен судија на Сојузниот суд.

Истрагата за тројцата малолетници води до онлајн група

Според обвинителството, осомничената група произлегла од онлајн заедница наречена „Терор 18“, во која, според истражителите, дошло до брза радикализација. Обвинителството наведува дека членовите ги отфрлале демократските институции во Германија и дека групата планирала насилство врз странци и политички противници.

Еден од наводите се однесува на планиран напад врз сместувалиште за баратели на азил во Долна Саксонија кон крајот на октомври. Според обвинителството, полицијата го спречила нападот.

Претреси во шест покраини

Паралелно со апсењата, полицијата почна судски одобрени претреси на десет локации во шест германски покраини. Дел од претресите се однесуваат на уште четворица млади осомничени. Истражителите проверуваат дали тие ја поддржувале групата или знаеле за планирани кривични дела и не ги пријавиле.


Според „Тагесшау“, двајца од уапсените треба да бидат изведени пред истражен судија во Карлсруе, а третиот пред судија во Хелмштет. Судиите треба да одлучат дали ќе им биде определен притвор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс