Министерството за финансии одзеде дозволи за работа на четири финансиски друштва

По пријави од граѓани и спроведени контроли, изречени се и глоби од над три милиони денари, а три друштва се привремено затворени.

Министерството за финансии во последните три месеци има спроведено вонреден надзор врз финансиските друштва постапувајќи по пријави од граѓани, при што биле преземени соодветни законски мерки.

Според податоците на ресорното министерство, од јули 2024 година досега се одземени дозволите за работа на четири финансиски друштва, а три се привремено затворени. Дополнително, изречени се глоби за 18 друштва во вкупен износ од 3.040.323 денари (околу 49.400 евра), како и 58 писмени наредби со рокови за отстранување на утврдените неправилности.

Надзорот се спроведува согласно Законот за финансиските друштва преку постојано вонтеренско следење и непосредни контроли. Од Министерството нагласуваат дека секоја претставка од граѓаните се разгледува и претставува значаен извор за откривање евентуални ризици за корисниците на финансиски услуги.

Од Министерството ги повикуваат граѓаните кои сметаат дека се оштетени или имаат сознанија за неправилности да поднесат пријава преку електронската пошта prijavafd@finance.gov.mk, преку пошта на ул. „Даме Груев“ бр. 12, Скопје или лично преку архивата на Министерството за финансии.


Дополнително, Министерството за финансии најавува дека ќе продолжи со засиленото следење на работењето на овие субјекти, со цел поголема законитост, транспарентност и заштита на граѓаните.

е-Трн да боцка во твојот инбокс