Не бараме сочувство, бараме одговорност: „Ниту една повеќе“ излегува на улиците на Скопје

Седумнаесетгодишната Билјана Кириќ од Богданци пријавила насилство и закани, а институциите изрекле мерки за нејзина заштита. На 3 ноември таа беше пронајдена мртва.

Во недела, на 8 ноември, во 12 часот, во паркот „Жена Борец“ во Скопје ќе започне протест против фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста, во организација на неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“.

„Не бараме сочувство. Бараме одговорност“, е пораката со која активистките и активистите го најавуваат протестот.

Билјана имала само 17 години. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 30 септември пријавила физичко насилство од својот партнер, а на 16 октомври судот изрекол привремени мерки за заштита.

Мерките опфаќале забрана за закани, вознемирување и приближување до девојката.

Но помалку од три недели подоцна, Билјана беше пронајдена мртва во опожарен автомобил кај Богданци. Во близина било пронајдено и телото на нејзиниот 21-годишен партнер. Според првичните индиции на Обвинителството, станува збор за убиство и самоубиство, но истрагата за сите околности продолжува.

За организаторите на протестот, овој случај повторно го отвора прашањето за ефикасноста на институционалната заштита на жените и девојките.

Рамајана, Росица, Танкица, Ивана, Катја, Билјана

Во повикот за протестот иницијативата „Ниту една повеќе!“ потсетува на имињата на жени и девојки чии животи биле одземени во случаи на насилство.

Активистките прашуваат уште колку жртви се потребни за институциите да ја преземат својата одговорност.

Тие оценуваат дека по секој фемицид следуваат ветувања, соопштенија и најави за мерки, но дека суштинскиот проблем со заштитата на жените останува.

Организаторите бараат убиствата на жени да не се претставуваат како приватни трагедии или љубовни драми, туку да се испитуваат во контекст на претходното насилство, пријавите и постапувањето на институциите.

Маршот ќе помине покрај Собранието и Министерството за правда

Протестот ќе започне во 12 часот во паркот „Жена Борец“, ќе продолжи покрај Собранието и Министерството за правда, а ќе заврши пред Министерството за образование и наука.

Од иницијативата бараат целосна и транспарентна истрага за убиството на Билјана, утврдување на евентуалните институционални пропусти, усвојување на законските измени за заштита од насилство врз жените и враќање на поимот „род“ во законите и политиките од кои бил отстранет.

Бараат и разрешување на јавни функционери кои го оправдуваат или нормализираат насилството врз жените.

Протестот е граѓански, без партиски обележја

Организаторите нагласуваат дека протестот не е простор за партиска промоција и дека партиски претставници, знамиња и обележја не се добредојдени.

Пораката на маршот е насочена кон заштитата на жените и барањето институционална одговорност.


Во недела, Скопје повторно ќе биде место каде што граѓаните ќе бараат одговор на прашањето што останува по секоја ваква трагедија: зошто пријавеното насилство не било спречено пред да заврши со смрт?

е-Трн да боцка во твојот инбокс