Градоначалник во Франција ги заштити учениците со своето тело а и самиот беше погоден од солзавец

Градоначалникот на Сен Дени, Бали Багајоко, застана со своето тело меѓу средношколците и полицијата за разбивање демонстрации за време на протестите во Франција. Снимките го прикажуваат како се обидува да ги заштити младите демонстранти во момент на растечки тензии.
Градоначалникот на Сен Дени, Бали Багајоко, во сив костум опкружен со млади демонстранти за време на протестите во Франција.
фото: X

Багајоко, политичар од левичарската „Непокорена Франција“, присуствуваше на протестот во Париз на 6 октомври, каде што и самиот беше погоден од солзавец. На објавените видеоснимки се гледа како тешко се движи, додека луѓето околу него му помагаат и му ги испираат очите со физиолошки раствор.

По инцидентот, градоначалникот ги повика претседателот Емануел Макрон и министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез да ги смират тензиите и веднаш да отворат преговори со средношколските организации. Според него, полициската интервенција не може да ги реши проблемите поради кои младите излегуваат на улица. Предупреди и дека продолжувањето на насилството може да доведе до трагедија.

Учениците бараат подобри услови за учење

Средношколците протестираат поради недостиг од наставници, пренатрупани паралелки, запуштени училишни простории и преоптоварени распореди. Во интервју за RTL, Багајоко ја поддржа легитимноста на нивните барања и објасни дека неговото присуство има цел да ја смири ситуацијата. Истовремено нагласи дека го осудува насилството.

Протестите се проширија низ Франција, а на учениците им се приклучија наставници, родители и синдикати. Според Министерството за внатрешни работи, на 6 октомври протестирале 266.000 луѓе, од кои 56.000 во Париз. Речиси 500 лица биле приведени само тој ден. На крајот од претежно мирниот марш во главниот град, помали групи демонстранти се судриле со полицијата.

Критики за полициската сила врз малолетници

„Амнести интернешнал“ предупреди на полициска репресија врз малолетници, посочувајќи употреба на солзавец, удари со палки и масовни приведувања. Организацијата, повикувајќи се на податоци од француското Министерство за внатрешни работи, наведува дека од 21 септември до 2 октомври биле приведени повеќе од 5.000 лица.

Министерот Нуњез ја брани полициската реакција како пропорционална во речиси сите случаи. Премиерот Себастиен Лекорни, пак, порача дека власта и училишните раководства мора да ги слушнат учениците и да најдат решенија за нивните проблеми.

е-Трн да боцка во твојот инбокс