Владата на Шпанија во вторникот одобри итни мерки за справување со станбената криза откако изби насилство во Барселона, а десетици илјади граѓани излегоа на улиците барајќи брзо решение.
Гневните протести уследија по демонстрациите ширум земјата за време на викендот. Сите тие беа поттикнати од минатомесечното иселување на 87-годишната Марија дел Кармен Абаскал од нејзиниот дом во Мадрид.
Одобрените чекори беа слични на оние што парламентот ги отфрли минатата недела.
Коалициската влада на премиерот Педро Санчез немаше мнозинство и претрпе тежок порази во законодавниот дом кога десничарските опозициски партии гласаа против итните уредби за решавање на станбената криза. Како одговор на притисокот, тој распиша предвремени избори за 29 ноември.
Одобрените 21 мерка вклучуваат олеснување на изнајмувањето или купувањето нов дом, продолжување на заштитата од иселување за ранливите категории жители, регулирање на изнајмувањето соби, воведување нов данок за сезонско изнајмување, забрана за шпекулативни купувања на недвижности и доделување даночни олеснувања за сопствениците на имоти и за кираџиите кои плаќаат навреме.
„Нема да дозволиме повеќе ниедно иселување како она што го претрпе Марикармен или како оние што се случија откако уредбите беа укинати“, им рече Санчез на новинарите во претседателската палата, осврнувајќи се на Абаскал по нејзиниот прекар.
Владата исто така ќе формира фонд од 10 милијарди евра за да обезбеди заеми до 50.000 евра за купување прв дом, како и субвенции за градежништво, додаде шпанскиот премиер.
Овие чекори ќе треба да бидат ратификувани од страна на преодното законодавно тело наместо од парламентот, кој беше распуштен по распишувањето на предвремените избори. Тоа тело се состои од 69 членови, за разлика од 350-те што седат во редовниот парламент. На коалицијата на Санчез ќе ѝ бидат потребни само 35 гласа за да ги усвои мерките.
Премиерот сепак побара гласови од политичките противници, велејќи: „Не зборуваме за идеолошко прашање, туку за здрав разум“.
„Многу Шпанци чекаат решенија, не само оние што се собираат по плоштадите, ниту пак илјадниците демонстранти на улиците. Мислам на милиони граѓани кои чекаат нивните претставници да покажат храброст да им се спротивстават на моќните, наместо да им се покорат“, рече тој.
Во Барселона, вториот по големина град во Шпанија, предупредувањето за силно невреме за време на викендот ги принуди организаторите да го одложат протестот за понеделник.
Она што започна како масовен мирен марш прерасна во насилство кога групи од стотици радикални активисти се судрија со полицијата, фрлајќи камења и палејќи контејнери за ѓубре.
Алехандро Кирога, професор по политички науки на Универзитетот „Комплутенсе“ во Мадрид, смета дека одобрувањето на уредбите од страна на преодното законодавно тело е уставно, но и неопходен политички потег за Санчез.
„Мислам дека Санчез немаше алтернатива“, рече Кирога. „Ако распишувате предвремени избори за да го задржите фокусот на јавноста врз станбеното прашање, не можете само да седите со скрстени раце и да не правите ништо. Тоа не би било паметно“.
Растот на трошоците и недостигот на станбен простор ги истиснуваат многу Шпанци од станбениот пазар, и покрај силниот економски раст на четвртата по големина економија во Европа.
Демонстрантите бараат посилна заштита за кираџиите, мерки за борба против измамите и забрана за присилни иселувања кога не е обезбедено алтернативно сместување.