Македонскиот диџеј и продуцент Галоски доби нова директна поддршка од светската ѕвезда Армин ван Бурен. Холандскиот артист во својата радиоемисија Dance Department премиерно го заврте неговиот најнов сингл In My Mind, кој официјално излегува на 9 октомври. Ван Бурен ја најави песната со комплименти за македонската музичка сцена, додека Галоски истовремено бележи пласман меѓу најдобрите десет на глобалната листа 1001Tracklists.
Светски познатиот диџеј, кој во изминатите години неколкупати настапуваше пред македонската публика, ја искористи својата емисија Dance Department за гласно да го најави новото издание од Скопје.
„Македонија – многу сонце, добро вино и очигледно одлична електронска музика. Галоски доаѓа оттаму, а штотуку го слушнавте со ‘In My Mind’“, рече Ван Бурен во етерот.
Ова претставува втора поддршка од холандскиот ветеран за само три недели, откако претходно во истата емисија ја вклучи и нумерата „Come Closer“.
Паралелно со емитувањето кај Ван Бурен, две траки со потпис на Галоски влегоа во светскиот топ десет фокус според специјализираната платформа 1001Tracklists на 27 септември.
Песната Pull Me In се позиционираше на четвртото место на листата Top Newcomer Tracks, додека новиот материјал In My Mind го зазеде петтото место во истата категорија. Необјавениот сингл истовремено се искачи и на осмата позиција на ранг-листата Trending Tracks.
Издавањето на In My Mind е закажано за 9 октомври преку неговата сопствена етикета Side Effects.
Успесите на ранг-листите следат по динамичната фестивалска сезона летово. Траките на македонскиот продуцент се најдоа во сетовите на Стив Анџело од составот Swedish House Mafia за време на настапот на фестивалот Tomorrowland. Слична поддршка Галоски доби и од Мартин Герикс, Тиесто и Дејвид Гета.
Распоредот на домашниот продуцент останува исполнет со клупски и фестивалски настапи во земјава и во странство сè до почетокот на 2027 година.