Најмалку 83 лица загинаа во силното невреме и разорните поплави во Индија и Непал, соопштија денеска локалните власти. Најтешка е состојбата во северната индиска сојузна држава Утар Прадеш, каде што бројот на настрадани достигна 62 лица, а уште 46 се повредени. Истовремено, спасувачките служби во соседен Непал потврдија 21 смртен случај, додека десетици илјади луѓе се евакуирани од поплавените подрачја.
Тридневните поројни дождови во Утар Прадеш поплавија неколку окрузи и оштетија повеќе од илјада куќи. Властите воведоа вонредни мерки, а во поголемиот дел од државата, вклучително и во главниот град Лакнау, училиштата денеска останаа затворени.
Спасувачките екипи со чамци ги извлекуваат граѓаните од отсечените населби кон привремени прифатилишта. Официјалните служби упатија апел до населението да не излегува од домовите и да избегнува патувања без итна потреба.
Атул Кумар Синг од Регионалниот метеоролошки центар во Лакнау изјави дека врнежите постепено ќе стивнуваат бидејќи циклонот над Бенгалскиот Залив губи сила. Според неговите најави, послаб дожд ќе продолжи да паѓа во источните и западните предели до утре.
Невремето ја погоди и источната индиска држава Одиша, каде што локалните власти досега евакуираа повеќе од 75.000 луѓе на побезбедни локации поради излевање на реките.
Преку границата, во Непал, националната агенција за управување со катастрофи евидентираше 21 загинат во несреќи поврзани со обилните дождови и лизгање на земјиштето. Уште пет лица се водат како исчезнати, а петмина се повредени.
Теренските спасувачки тимови продолжуваат да трагаат по исчезнатите во непристапните планински предели каде што свлечиштата прекинаа патни правци и комуникациски врски.