ВИДЕО: Амбасадорката Гилфојл поврзана со рушењето на владата во Романија

Американската претставничка во Атина притискала за скап гас, а нејзиниот лобист спомнал соборување на кабинетот во Букурешт.

Американската амбасадорка во Грција Кимберли Гилфојл се најде во центарот на меѓународен скандал по објавувањето на тајна аудиоснимка и истражувањето на „Волстрит журнал“. Според медиумските извештаи, таа лобирала кај балканските земји за купување американски течен гас преку повластена грчка компанија, додека нејзиниот соработник се фалел со политички притисоци и уривање на романската влада која одбивала такви договори.

Истражувањето на „Волстрит журнал“ (The Wall Street Journal), кое го пренесе хрватскиот портал „Индекс“, обелодени аудиозапис од приватна вечера каде соработници поврзани со американската амбасадорка зборуваат за смената на власта во Романија. Романските власти претходно одбиваа да купуваат скап американски течен природен гас (ЛНГ) преку грчката компанија „Актор груп“.

Во снимката се сугерира дека токму отпорот кон овие енергетски аранжмани бил повод за координирани политички удари врз кабинетот во Букурешт.

Клучната улога во овие зделки ја имал лобистот Христос Марафатсос. Тој на состаноците на високо ниво присуствувал заедно со Гилфојл, при што странските функционери верувале дека тој е официјален шеф на нејзиниот кабинет.

Истражувањето наведува дека Марафатсос наплатил над 440.000 долари од субјекти поврзани со Грција, од кои 160.000 долари директно од компанијата „Актор“. Извршниот директор на истата фирма ѝ овозможил на амбасадорката и патување со приватен авион во Бугарија.

Преку ваквото директно застапување, „Актор“ успеал да обезбеди дваесетгодишен договор за снабдување со американски гас во Албанија, проект проценет на шест милијарди долари. Пресметките покажуваат очекуван профит од 1.8 милијарди евра пред оданочување во текот на две децении.

Конкурентските енергетски компании се жалеле дека американската амбасадорка целосно ги игнорирала за да му даде ексклузивност на грчкиот партнер. Гилфојл, поранешна водителка на „Фокс њуз“ и поранешна свршеница на Доналд Трамп помладиот, ја искористи дипломатската функција за туркање на проектот „Вертикален гасен коридор“ низ југоисточна Европа, каде што сега се отвораат сериозни сомнежи за злоупотреба на дипломатската позиција за приватни бизнис-интереси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс