Рубио ја објави информацијата по средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, одржана на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
„Ако сакате да ги решите проблемите, мора да се среќавате со луѓето со кои не се согласувате или со кои имате одредени проблеми. Затоа го поканивме претседателот Путин на Г20“, изјави Рубио.
Вашингтон го гледа самитот како можност Путин да разговара не само со Трамп, туку и со други светски лидери. Рубио додаде дека САД се надеваат оти рускиот претседател ќе ја прифати поканата.
Средбата Рубио–Лавров се одржа во момент кога Вашингтон повторно се обидува да ги придвижи дипломатските разговори за војната во Украина.
Според Рубио, Русија и Украина покажале интерес за ограничен прекин на огнот што би ги опфатил нападите врз енергетската инфраструктура, безбедноста на извозот на жито и пловидбата во Црното Море.
„Мислам дека двете страни покажаа интерес за некаков ограничен прекин на огнот што би ги опфатил житото и енергијата. Очигледно, ниту тоа нема да биде лесно“, рече Рубио.
Од Москва засега нема потврда дека е подготвена да прифати ваков договор.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека е подготвен да се сретне со Путин, вклучително и на тристраната средба со Трамп.
Зеленски исто така порача дека би присуствувал на самитот на Г20 во Мајами доколку таму биде и Путин, нагласувајќи дека поважно е да се постигнат конкретни резултати отколку само да се разменуваат изјави.
Кремљ досега отфрлаше средба на неутрален терен и инсистираше дека, доколку Зеленски сака разговор со Путин, треба да дојде во Москва.
Путин сè уште нема потврдено дали лично ќе присуствува на самитот во Мајами.
Во меѓувреме, Кремљ порача дека сè уште не ги гледа условите за започнување пошироки мировни преговори, иако, како што изјави портпаролот Дмитриј Песков, Москва останува отворена за разговори.
Зеленски, пак, порача дека Украина е подготвена на прекин на нападите поврзани со пловидбата во Црното Море и енергетската инфраструктура, доколку Русија прифати реципрочни мерки.
„Мораме од некаде да почнеме“, порача Зеленски.