Новиот тренд наречен „snackpacking“, комбинација од англиските зборови „snack“ и „backpacking“, подразбира организирање на целото патување околу локалните специјалитети, уличната храна, пекарниците и производите што станале хит на TikTok и Instagram.
Наместо да стојат пред Мона Лиза во Лувр, младите туристи можат со часови да чекаат ред за сендвич со ф’стаци. Наместо само Ајфеловата кула, Париз се истражува и преку виралните кроасани, додека во Истанбул целта може да биде токму онаа баклава што ја препорачале илјадници корисници на социјалните мрежи.
Зад трендот стојат неколку причини. Една од нив е цената. Со растот на трошоците за живот, оброк во ресторан за многу млади патници станува сериозна ставка во буџетот. Со улична храна, пекарници и локални продавници, за цената на една вечера може да се пробаат повеќе различни специјалитети.
Но, храната за овие туристи не е само начин да се заштеди. Таа станува начин да се запознае градот. Локалните пазари, малите пекарници, уличните штандови и супермаркетите се доживуваат како дел од автентичното искуство.
Клучна улога имаат и социјалните мрежи. Наместо класична фотографија пред туристичка атракција, денешниот сувенир од патувањето може да биде видео од отворањето на кутијата со храна, првиот залак или реакцијата на некој необичен локален вкус.
Според истражување на American Express за туристичките трендови во 2026 година, 89 отсто од миленијалците и припадниците на генерацијата Z велат дека пробувањето локална храна е важен дел од патувањето. Околу 69 отсто намерно бараат улична храна, 53 отсто посетуваат пекарници, а половина од испитаниците влегуваат и во супермаркети за да откријат локални производи.
Интересно е и тоа што азиските и јужноамериканските градови доминираат меѓу најатрактивните дестинации за ваков тип туристи. На врвот на листата на Away Holidays е Ханој, следен од Бангалор и Џакарта.
Ханој е особено привлечен поради огромната понуда на улична храна, од pho и banh mi до bun cha. Џакарта, пак, се издвојува со ниските цени – просечен оброк чини околу 2,58 долари, додека во Лондон просечната цена достигнува околу 19,32 долари.
Меѓу најпопуларните градови за „snackpacking“ се и Рио де Жанеиро и Истанбул, кои имаат огромен број прегледи на содржини за улична храна на интернет.
Така, за новата генерација туристи, мапата на еден град сè почесто не се составува според музеите и спомениците, туку според тоа каде се јаде најдобро, најевтино и она што моментално е највирално на интернет.