Американскиот државен секретар Марко Рубио и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров се состанаа денеска во Њујорк на маргините на Генералното собрание на ОН. Средбата меѓу Рубио и Лавров започна без изјави за медиумите и продолжи зад затворени врати, со фокус врз билатералните односи и војната во Украина, по вчерашните разговори на американскиот претседател Доналд Трамп со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Разговорите во Њујорк се одвиваат без присуство на новинари. Лавров и Рубио претходно се сретнаа на 22 јули, исто така на маргините на меѓународен собир, за време на состаноците на АСЕАН во Манила.
Оваа нова средба доаѓа непосредно по директниот контакт меѓу Вашингтон и Киев. Очекувањата се дека двајцата министри ги отвораат прашањата за меѓусебните односи на двете сили, но и можните патишта за запирање на воените дејствија на украинска територија.
Средбата на шефовите на дипломатиите следи по изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој по состанокот со Трамп порача дека Киев прифаќа прекин на огнот врз инфраструктурата.
„Подготвени сме за енергетско примирје доколку Русите не ја напаѓаат нашата енергетска инфраструктура“, изјави Зеленски по разговорите во Њујорк.
Американскиот претседател Трамп по средбата со украинскиот лидер соопшти дека е уверен оти Русија и Украина ќе постигнат договор со кој ќе заврши војната.