Првиот снег стигна на Балканот: ќе забелеат ли македонските планини?

Арктичкиот воздух донесе нагло заладување, а првите снегулки се појавија на највисоките планински врвови во регионот. Во Македонија условите за снег се ограничени на надморски височини над 1.900 метри.

Летото си замина со ненадеен температурен шок. Додека календарски сè уште сме на самиот праг на есента, студениот воздух веќе го зафати Балканот, а на највисоките планински делови во Бугарија се очекува првиот снег.

Бугарските метеоролози за 22 септември најавија снег на највисоките делови од планините, додека во пониските предели врнежите остануваат дождовни. Во среда температурите таму ќе останат ниски за периодот, со минимални од 5 до 10 степени во поголем дел од земјата.

Причината е продор на многу постуден воздух од север, кој донесе значително заладување низ Балканот. Во некои делови од регионот температурите се и за повеќе од 10 степени пониски од оние што ги имавме само пред неколку дена.

А кога ќе забелат македонските планини?

И Македонија е зафатена од студениот бран. Според најавите на метеопрогнозерот Славчо Попоски, во вторник и среда температурите значително се намалуваат, а на планините над 1.900 метри не е исклучена можноста да провејат и првите снегулки за сезоната. Тоа значи дека евентуалното прво септемвриско белеење би било ограничено на највисоките планински предели, не на градовите и низините.

Во Скопје, пак, среда ќе биде сончева со мала до умерена облачност и северен ветер. Според прогнозата на УХМР, температурата ќе се движи од минимални 4 до 13 степени во земјава, до максимални 16 до 24 степени. Во Скопје ќе дува умерен до засилен северен ветер.

Утрото ќе мириса на зима

Најголемата промена ќе се почувствува во утринските часови. Во среда и четврток, особено на повисоките места и во планинските предели, температурите може да се спуштат близу до нулата, а на одредени места и под неа. Тоа отвора можност и за првите утрински мразеви на повисоките населени места.

Во Скопје, утрата исто така ќе бидат значително постудени од претходните денови, но дневните температури ќе останат над 20 степени.

Нов пресврт кон крајот на неделата

Студениот бран нема да значи и трајно враќање на зимата. Според достапните прогнози, во втората половина од неделата повторно ќе има повеќе сончеви периоди, а температурите постепено ќе се приближуваат кон вообичаените за крајот на септември.

Сепак, временската слика веќе покажува дека есента годинава пристигнува со остар рез: од летни температури до првите снегулки на највисоките балкански врвови за само неколку дена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс