23 причини за надеж по климатскиот самит КОП31: Од спасување на коралните гребени до постепено напуштање на фосилните горива

И покрај несогласувањата меѓу државите околу намалувањето на емисиите и финансирањето на климатските политики, самитот во Турција донесе нови сојузи, милионски инвестиции и обврски за заштита на природата, поддршка на чистата енергија и приспособување кон климатските промени.
климатстски промени

Дали светот навистина презема нешто за да ја забави климатската криза? Иако климатските самити често завршуваат со политички несогласувања, неисполнети ветувања и компромиси, КОП31 донесе и конкретни чекори што даваат простор за оптимизам.

Додека земјите производители на нафта и гас, меѓу кои и Саудиска Арабија, се обидуваа да ги ублажат повиците за побрзо напуштање на фосилните горива, коалиција од повеќе од 130 земји во развој бараше побогатите држави побрзо да ги намалат сопствените емисии и да обезбедат повеќе климатско финансирање преку грантови, наместо преку заеми што дополнително би ги задолжиле посиромашните земји. Домаќинот на самитот, Турција, ја претстави и иницијативата „35 до 2035“, со цел уделот на електричната енергија во задоволувањето на глобалната енергетска побарувачка да се зголеми од околу 23 на 35 отсто до 2035 година.

Но, покрај големите политички преговори, на маргините на самитот беа најавени и бројни иницијативи за заштита на екосистемите, намалување на отпадот, почиста енергија и помош за заедниците најпогодени од климатските промени.

Ова се 23 конкретни причини поради кои КОП31 донесе и причини за оптимизам.

Храна, земјоделство и здравје

23. 40 милиони евра за намалување на фрлањето храна

Фондацијата ИКЕА најави четиригодишна иницијатива вредна 40 милиони евра за проширување на решенијата што можат да го намалат губењето храна. Меѓу нив се подобрување на системите за ладно складирање, преработка на отпадот од храна во органско ѓубриво или добиточна храна, како и прераспределба на вишокот храна наместо таа да завршува на депониите.

22. Иницијатива против недостигот на храна и вода

Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) ја започна иницијативата „Тиркизна врска“ (Turquoise Nexus Initiative), со која ќе им помага на земјите со недостиг на вода и храна да ги подобрат системите за наводнување, да се подготват за суши и да развиваат земјоделски култури што трошат помалку вода.

21. Глобална алијанса за истражување на климатските промени и здравјето

Европската комисија, британската фондација за медицински истражувања „Велком Траст“ и јавни финансиери од пет континенти формираа прва глобална алијанса посветена на финансирање истражувања за влијанието на климатските промени врз човековото здравје.

20. Помош за заедниците погодени од конфликти

Меѓународната климатска иницијатива на Германија најави грантови од 7 до 15 милиони евра за проекти што ќе ја истражуваат и адресираат поврзаноста меѓу климатските промени и конфликтите. Меѓу проблемите се конкуренцијата за сè помалите резерви на вода и обработливо земјиште.

Чиста енергија и технологии

19. Поддршка за чиста енергија во Африка

Италија и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ќе издвојат 10 милиони евра за проекти за чиста енергија во Африка. Меѓу можните инвестиции се производство на биогас во училишта во Кенија и развој на дигитални електроенергетски мрежи во Уганда.

18. Награди за одржливи згради

Во рамките на Меѓународниот натпревар за одржливи згради, КОП31 и Програмата на ОН за животна средина (УНЕП) ги признаа резултатите на девет проекти што постигнале мерливо намалување на емисиите.

Меѓу нив е фабрика за текстил во Бангладеш, која ги намали емисиите од своето работење за 78 отсто, како и универзитетска зграда во Ирска, која ја намали потрошувачката на енергија за 40,5 отсто.

17. Повеќе пристап до енергетски ефикасно ладење

Италија, Швајцарија и неколку добротворни организации ветија повеќе од 15 милиони евра за подобрување на пристапот до енергетски ефикасни системи за ладење. Целта е заедниците во Југоисточна и Јужна Азија, како и во Рогот на Африка, подобро да се заштитат од екстремните горештини.

16. Борба против климатските дезинформации

Иницијатива поддржана од Обединетите нации објави препораки за справување со климатските дезинформации создадени со помош на вештачка интелигенција. Истовремено, беше претставена и повелба чија цел е да спречи огласувачите да финансираат ширење климатски дезинформации.

Климатско финансирање и приспособување

15. Повеќе од 180 милиони евра за заштита на животната средина

Белгија, Данска, Германија и Јужна Кореја ветија повеќе од 180 милиони евра за фондовите на Глобалниот фонд за животна средина, кои поддржуваат заштита на природата и приспособување кон климатските промени.

14. Заштита на пацифичките острови од покачувањето на морското ниво

Азиската банка за развој предводи програма чија цел е да обезбеди околу една милијарда евра за заштита на 14 островски држави во Пацификот од покачувањето на морското ниво и екстремните временски услови.

13. Подобри системи за рано предупредување

Канада најави до 6,5 милиони евра за иницијативата за климатски ризици и системи за рано предупредување, која им помага на ранливите земји да се подготват за екстремни временски настани.

12. Почист Медитеран

Програмата на ЕУ „Интеррег НЕКСТ МЕД“ официјално започна со реализација на 49 проекти вредни повеќе од 120 милиони евра во 15 медитерански земји, меѓу кои Италија, Шпанија, Египет и Либан.

Проектите опфаќаат управување со водите, заштита на биолошката разновидност, чиста енергија и намалување на отпадот.

Океаните, природата и биолошката разновидност

11. Гана доби признание за намалувањето на емисиите

Гана доби 6,57 милиони јаглеродни кредити за намалувањето на емисиите поврзани со уништувањето и деградацијата на шумите. Се очекува тие да вредат околу 40 милиони евра.

Кредитите се издадени според стандардот ТРИС на иницијативата АРТ за трансакции поврзани со намалување на емисиите од уништување и деградација на шумите. Гана е првата африканска земја што ги добива овие кредити.

10. Надеж за обновување на деградираните тресетишта

Новата иницијатива „Пробив за тресетиштата“ има цел да обнови 30 милиони хектари деградирани тресетишта и да мобилизира околу 90 милијарди евра за нивна заштита и климатска акција.

Тресетиштата се важни природни складишта на јаглерод, па нивното зачувување и обновување има значајна улога во борбата против климатските промени.

9. Фонд за заштита на коралните гребени

Глобалниот фонд за корални гребени, поддржан од Обединетите нации, најави повеќе од 27 милиони евра за проекти за заштита на коралните гребени во 22 земји во развој.

Меѓу нив се Мексико, Белизе, Гватемала, Хондурас, Индонезија, Филипините и Танзанија.

8. Позелени иницијативи на море

Коалиција од 27 земји ја започна работната група за спроведување на сините национални климатски придонеси (Blue NDC Implementation Taskforce). Нејзината цел е да обезбеди финансиска и техничка поддршка за почист поморски транспорт, обновливи извори на енергија на море и заштита на морските екосистеми.

Европската Унија се приклучи и на иницијативата „Син предизвик“, предводена од Франција и Бразил, која им помага на земјите да ги претворат своите обврски за заштита на океаните во конкретни мерки во националните климатски планови.

7. Девет милиони евра за заштита на крајбрежјата

Канада најави финансиска поддршка од околу девет милиони евра за Алијансата за ризици и отпорност на океаните. Средствата, предвидени до 2030 година, ќе бидат наменети за проекти што ги штитат океаните и крајбрежните заедници од последиците на климатските промени.

6. Грантови за локални еколошки иницијативи

Германија отвори нов повик за финансирање локални организации во земјите во развој. Предвидени се грантови од 60.000 до 200.000 евра за проекти што ги намалуваат емисиите, ја штитат биолошката разновидност и им помагаат на заедниците да се приспособат на климатските промени.

5. Поддршка за малите рибари

Европската комисија ја претстави иницијативата „Од водата до пазарот“ (From Water to Market), наменета за поддршка на малите рибарски заедници, одржување на крајбрежните извори на егзистенција и зајакнување на безбедноста на храната во Медитеранот.

4. Средства за заштита на биолошката разновидност

Норвешка најави околу 4,5 милиони евра за помош на земјите во развој во спроведувањето на нивните национални планови за заштита на биолошката разновидност.

Климатски обврски и отчетност

3. Втора глобална процена на Парискиот договор

И покрај напнатите преговори во текот на самитот, земјите потписнички на Парискиот договор ја започнаа втората глобална процена на напредокот во исполнувањето на неговите климатски цели.

Станува збор за двегодишен процес што треба да покаже колку светот напредува во исполнувањето на преземените обврски и каде се потребни дополнителни активности.

2. Сателитско следење на истекувањето метан

Програмата на ОН за животна средина објави дека нејзиниот сателитски систем за следење помогнал да се запрат пет големи истекувања на метан во Канада, Ирак, Казахстан и Мексико од јуни досега.

Според процените, со тоа било спречено околу 125.000 тони метан да стигнат во атмосферата.

Сепак, напредокот има и ограничувања: само девет од 159-те земји што стојат зад Глобалното ветување за метан ја поддржале новата декларација со која повторно се потврдува целта за намалување на глобалните емисии на метан за најмалку 30 отсто до 2030 година, во споредба со нивото од 2020 година.

1. Сè повеќе земји подготвуваат планови за напуштање на фосилните горива

Финска ја потврди својата посветеност на иницијативата за праведна транзиција од фосилни горива (TAFF), објавувајќи национална патоказна стратегија. Со тоа им се приклучи на Франција, Германија и Холандија.

Подоцна, и Данска, Португалија, Луксембург и Шпанија најавија дека ќе подготват сопствени национални планови.

Овие чекори се дел од пошироките напори за премин кон енергетски системи што помалку зависат од јаглен, нафта и гас.


Климатската криза не се решава со еден самит, ниту со 23 најави. Но, секоја инвестиција во обновлива енергија, секој обновен екосистем и секоја заедница што добива средства за да се заштити од екстремните временски услови се дел од промената што светот мора да ја направи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс