Гугл му даде нова вештина на Џемини: Сега создава и GIF-анимации за мемови

Со помош на новиот видеомодел Џемини Омни 1.2 Флеш, корисниците можат да претвораат текстуални инструкции во кратки анимирани GIF-ови. Функцијата засега е достапна само во седум земји.

Гугл воведува нова можност во својот асистент со вештачка интелигенција Џемини – генерирање анимирани GIF-ови врз основа на текстуални инструкции од корисниците. Новата функција го користи видеомоделот Џемини Омни 1.2 Флеш и овозможува создавање кратки анимации, од фотографии со повторувачки движења до забавни мемови.

„Од фотографии со ефекти што се повторуваат во јамка до смешни мемови, со нашиот најнов видеомодел Џемини Омни 1.2 Флеш можете да создадете каков било GIF што ќе го замислите, со мазни движења и конзистентен квалитет во секој кадар“, објави Гугл на социјалната мрежа Икс.

Генерираните анимации траат приближно три секунди. Откако ќе бидат создадени, корисниците можат да ги копираат и да ги споделат во други апликации или да ги преземат како GIF-датотеки.

Алтернатива на пребарувањето мемови

Со оваа функција, Џемини нуди алтернатива на досегашното пребарување готови анимации на платформи како Џифи и Тенор. Наместо да бараат соодветен GIF во постојните бази, корисниците ќе можат да опишат што сакаат да видат и да добијат анимација создадена според нивната инструкција. Новата можност може да биде особено корисна за интернет-комуникацијата, во која GIF-анимациите одамна се користат за реакции, шеги и споделување мемови.


Сепак, функцијата засега нема да биде достапна за сите корисници ширум светот. Гугл го започна воведувањето во седум земји: Австралија, Канада, Германија, Јапонија, Јужна Кореја, Обединетото Кралство и САД. Македонија засега не е меѓу нив.

е-Трн да боцка во твојот инбокс