На 23 ноември 2004 година, „Близард“ го објави „World of Warcraft“, онлајн играта во која милиони играчи со години го истражуваа и го делеа фантастичниот свет Азерот. Една година подоцна, на 22 ноември 2005 година, „Мајкрософт“ го пушти во продажба „Ексбокс 360“ во Северна Америка. Генерацијата што порасна со овие игри денес ја гледа гејминг-индустријата и како можност за професионална кариера. Но, додека едни од играњето создаваат професија, здравствените институции предупредуваат на ризиците од неконтролираното играње.
Игра што за шест години стигна до 12 милиони претплатници
„World of Warcraft“ беше објавена на десетгодишнината од франшизата „Воркрафт“, на 23 ноември 2004 година. Серијалот започна во 1994 година, кога „Близард“ ја објави стратешката игра „Воркрафт: Орки и луѓе“.
Растот на онлајн-играта беше импресивен. Само една година по објавувањето имаше пет милиони претплатници, а рекордот од 12 милиони месечни претплатници го достигна во октомври 2010 година. Проширувањето „Гневот на кралот Лич“, објавено во ноември 2008 година, се продаде во 2,8 милиони примероци во првите 24 часа.
Играта продолжува да живее и денес. Најновото проширување, „Миднајт“, беше објавено на 2 март 2026 година. „Ворлд оф Воркрафт“ се појави една година пред почетокот на тогашната генерација конзоли, чиј претставник беше „Ексбокс 360“, лансиран во ноември 2005 година.
Во Македонија игрите се создаваат, а не само се играат
Домашната гејминг-сцена е мала, но има конкретни показатели за својот развој. Гораст Цветковски, претседател на Македонската гејминг-индустрија (МГИ), изјави дека во Македонија официјално има повеќе од 300 вработени во развојот на видеоигри во домашни компании, а според проценките, уште најмалку 30 отсто работат за странски компании.
Асоцијацијата обединува 20 студија и поединци, а годинава стана членка на Европската федерација на развивачи на видеоигри (EGDF).
Пред четири години, „Блумберг Адрија“ пишуваше дека во Македонија има петнаесетина студија, дека најпознатата македонска видеоигра има околу 200 милиони корисници и дека домашните студија работат и на игри за „Плејстејшн“, со буџети поголеми од 30 милиони евра. Истиот медиум го посочи студиото „Фјуриос Авокадо“ како регионален пример. Со околу осум вработени, студиото во 2021 година остварило приходи од 2,3 милиони евра, со оперативна маржа ЕБИТ од 89 отсто.
Сцената има и свој собир. На Game Dev Rev 2025, првата меѓународна конференција за развој на видеоигри во Македонија, учествуваа повеќе од 30 домашни студија. Годинашното издание, GDR26, е замислено како изложба посветена пред сè на игрите создадени во последните една до две години од македонски студија, тимови и независни развивачи.
Добра плата, долги ноќи и несигурни работни места
Кариерата во гејминг-индустријата има и своја цена. Истражување спроведено во јули 2025 година меѓу повеќе од 500 професионалци од американската индустрија за видеоигри покажува дека просечната годишна плата изнесувала околу 142.000 долари, а медијалната 129.000 долари.
Но, високите примања не значат и лесни работни услови. Истражувањето покажува дека прекувремената работа е дел од професионалното секојдневие, додека отпуштањата и затворањето студија ја зголемуваат несигурноста. Речиси една четвртина од испитаниците изјавиле дека биле отпуштени во претходните две години. Извештајот за платите во гејминг-индустријата за 2025 година покажува дека страста кон создавањето игри не ја исклучува работната несигурност.
Ова се почувствува и во регионот. „Јубисофт“ го затвори своето студио во Белград во јуни 2026 година, при што околу 100 вработени останаа без работа. Студиото беше основано во 2016 година и работеше на повеќе познати меѓународни проекти. Според Европската фондација за подобрување на животните и работните услови затворањето беше дел од поширокото преструктурирање на компанијата.
Кога играњето престанува да биде само забава
Светската здравствена организација (СЗО) наведува дека видеоигрите се широко распространети, особено меѓу младите, и дека за повеќето луѓе играњето претставува здраво хоби. Сепак, во 11. ревизија на Меѓународната класификација на болести (МКБ-11) го вклучи и нарушувањето поврзано со играње игри.
СЗО го дефинира ова нарушување како образец на однесување што се карактеризира со намалена контрола врз играњето, зголемување на приоритетот на игрите во однос на другите активности и продолжување или интензивирање на играњето и покрај негативните последици.
За да се постави дијагноза, однесувањето мора да биде доволно сериозно за да предизвика значително нарушување во личниот, семејниот, социјалниот, образовниот или професионалниот живот. Вообичаено, овие знаци треба да бидат присутни најмалку 12 месеци.
Тоа не значи дека секој што поминува многу часови играјќи видеоигри има нарушување. Kолку е распространето ова нарушување е тешко прецизно да се измери. Еден научен преглед наведува проценки од три до шест отсто од светската популација, но истовремено предупредува дека истражувањата имаат методолошки ограничувања, меѓу кои нерепрезентативни примероци и кратки прашалници.
Возрастa и полот исто така играат улога. Според една анализа, највисока застапеност е забележана кај момчињата на возраст од 15 до 19 години, 12 отсто, наспроти три отсто кај девојчињата на иста возраст.
