Зимата подрани на Балканот: Првите снегулки на Копаоник и Пампорово

Иако летото календарски сè уште не е завршено, зимската атмосфера веќе пристигна на Балканот.

Првиот снег за оваа сезона падна на планината Голија во Србија, каде што снежните врнежи ги изненадија жителите пред самиот крај на септември.

Снегот паѓал интензивно, но засега не се задржува на земјата бидејќи температурите се премногу високи за да се формира снежна покривка.

Снежни врнежи се забележани и на Копаоник, каде што температурите се околу еден степен, а на највисоките делови се создадоа услови за првите снегулки.

Наглото заладување не е ограничено само на Србија.првите снегулки за сезоната денеска паднаа и во Пампорово, на само неколку часа пред официјалниот почеток на есента.

Дождот во курортот кратко пред пладне преминал во снег, а снежните врнежи биле слаби и краткотрајни. Сепак, доволно за Пампорово да го добие првиот зимски призвук уште на 22 септември.

Температурата утрово била околу 4 степени Целзиусови, а снегот не успеал да формира снежна покривка. Според податоците од бугарската планинска спасувачка служба, во моментов снежната покривка во Пампорово е нула сантиметри.

Снег денеска падна и на повисоките делови на Рила, вклучително и кај „Мусала“.

И во Северна Македонија денес е значително постудено, а на највисоките планини беа најавени услови за појава на првите снегулки.

Септемврискиот снег е резултат на продор на значително постуден воздух од север, кој донесе нагло намалување на температурите низ Балканот.

Иако снежна зима сè уште е далеку, планините веќе го добија првиот зимски сигнал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс