Гералд Керклец на „Браќа Манаки“: Учам од Бергер и барам природна светлина

Австрискиот кинематограф открива како се создаваше визуелниот идентитет на „Роза“, додека авторите на фестивалот во Битола дебатираа за границите меѓу фикцијата и вистината.

Австрискиот кинематограф Гералд Керклец на фестивалската прес-конференција во Битола сподели искуства од снимањето на филмот „Роза“, остварување што привлече големо внимание кај жирито на Берлинале предводено од Вим Вендерс. Керклец објасни дека во сопствената естетика ги користи методите на својот ментор Кристијан Бергер, добитник на Специјална Златна камера 300 за животно дело на ИФФК „Браќа Манаки“, со посебен фокус врз природната светлина и отсјајот.

Керклец посочи дека главната улога ја толкува Сандра Хилер, која во филмот не глуми маж, туку жена што свесно се претставува како маж. Публиката од самиот почеток ја знае таа поставка, па затоа камерата не крие ништо.

„Сандра не ја снимавме поинаку од останатите ликови кои се појавуваат во филмот, а боите се комбинираат за да се долови она што е најважно. Таа има лузна на лицето и тековно одлучувавме која страна кога ќе ја снимаме, бидејќи сметам дека е погрешно еден лик да се снима поинаку од другите“, рече Керклец. Тој додаде дека сцените на отворено ги снимале исклучиво со дневна светлина, додека во ентериерите барал атмосфера што е максимално блиска до природната, потпирајќи се на холандското сликарство од соодветната епоха.

Во рамките на документарната селекција беше прикажан и шпанскиот филм „Жив затвор“. Кинематограферот Џими Гимферер објасни дека проектот се подготвувал долго време поради сложени продукциски, етички и естетски причини.

„Филмот треба да биде документарец, но е сниман како политичка фикција. Беше прилично предизвикувачки за снимање, особено поради приказната за Граѓанската војна во Шпанија и репресијата на Франко“, истакна Гимферер. Тој потенцираше дека работеле со натуршчици и со таканаречена етичка естетика, нагласувајќи дека претпочита соработка со андерграунд уметници.

На средбата со новинарите се претстави и режисерот Борис Мојсовски со остварувањето „Странски јазик“, дел од специјалната селекција на фестивалот. Филмот следи северноамериканка која по необична несреќа почнува да зборува со босански акцент, одеднаш искусувајќи го животот на странка во сопствената средина.

Мојсовски објасни дека босанскиот акцент на хероината доаѓа токму од неговото потекло од Босна и Херцеговина. Јазичната бариера и неприфатеноста, според него, често ги тераат имигрантите да останат затворени во кругот на сопствената заедница без целосна општествена интеграција.

Младинската програма го донесе и филмот со впечатлив наслов „Ида која пееше толку лошо дури и мртвите станаа и запеаја со неа“. Кинематограферот Рок К. Нагоде нагласи дека целта на екипата била да изгради свет директно низ очите на детето.

Иако визуелно асоцира на Југославија во осумдесеттите години на минатиот век, Нагоде посочи дека приказната не се врзува стриктно за едно минато време, бидејќи авторите се родени по распадот на поранешната федерација и сакале универзално да ја доловат детската перцепција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс