Римските власти отворија истрага откако од болницата „Israelitic Hospital“ во италијанската престолнина исчезнаа 80 ампули фентанил, моќен синтетички опиоид кој во медицината се користи како силен аналгетик, но на црниот пазар претставува сериозна закана за јавната безбедност, пренесува Euronews.
Според првичните информации, нема траги од насилно влегување во болничката аптека, каде што ампулите биле складирани во сеф до кој пристап имале повеќе вработени. Кражбата била пријавена на 24 јуни од раководителот на аптеката. Украдената количина, според проценките, би можела да се искористи за производство на околу 20.000 дози, што дополнително ја зголемува загриженоста на властите.
Фентанилот е супстанца која е и до 100 пати посилна од морфиумот, а во нелегална употреба е поврзана со сериозни здравствени последици и голем број смртни случаи, особено во Северна Америка, каде што претставува национална криза. Италијанската влада реагираше итно, свикувајќи состанок во Палатата Киджи, додека Министерството за здравство најави засилени контроли и нови мерки за следење на складирањето и користењето на ризични лекови во здравствените установи.
Во истрагата се вклучени и карабинерите од специјалната единица NAS, а обвинителството во Рим го третира случајот како кражба и недозволено поседување наркотични супстанци со намера за дистрибуција. Властите во Лацио истовремено најавија вонредни инспекции во сите болници во регионот со цел да се провери управувањето со контролирани лекови и да се спречат слични инциденти во иднина.
Извор Euronews