На 20 септември 1946 година, во Кан, на француската ривиера, бил отворен првиот Меѓународен филмски фестивал. Настанот требало да започне уште во 1939 година, но избувнувањето на Втората светска војна го прекинало планот. Осум децении подоцна, фестивалот е една од најважните точки на светската филмска индустрија. На 31 мај 1939 година бил потпишан официјалниот договор со кој Кан бил избран за домаќин на новиот меѓународен филмски фестивал. Отворањето било закажано за 1 септември.
Но токму тој ден започнала Втората светска војна. Нацистичка Германија ја нападнала Полска, а планираниот фестивал бил одложен на неопределено време.
По завршувањето на војната, идејата била обновена. Кан, кој во повоениот период се соочувал со сериозни економски тешкотии, успеал да обезбеди средства за организација на фестивалот. Првично било планирано неговото одржување во март 1946 година, но отворањето повторно било поместено – овојпат за септември.

На 20 септември 1946 година, фестивалот конечно бил отворен. На првото издание учествувале 18 земји, а меѓу прикажаните филмови биле „Изгубениот викенд“ на Били Вајлдер, „Рим, отворен град“ на Роберто Роселини и „Кратка средба“ на Дејвид Лин. Првото издание, сепак, било далеку од гламурот по кој Кан денес е препознатлив. Организаторите се соочувале со низа технички проблеми, филмските ролни биле испремешани, имало прекини на струјата, а звукот често бил со слаб квалитет.
И покрај хаосот, фестивалот успеал да започне.
На првото издание дури девет филмови ја добиле тогашната главна награда, Гран при на фестивалот, што покажува колку различен бил системот на наградување од денешниот. Патот до престижот, сепак, не бил ниту брз ниту сигурен. Економските проблеми довеле до целосно откажување на фестивалот во 1948 и 1950 година.
Но Кан преживеал. Од фестивал започнат со седумгодишно доцнење, во сенката на една од најголемите војни во историјата, прераснал во глобална сцена на која секоја година се среќаваат филмот, индустријата, критиката и славата.
Од скромниот почеток со прекини на струја и измешани филмски ролни до црвениот тепих на Кроазет – 80 години подоцна, Кан е доказ дека некои фестивали не започнуваат со совршена организација. Понекогаш е доволно само да преживеат.