Техеран му постави седум услови на Вашингтон за преговори: Иран бара прекин на војната, одмрзнување на средствата и крај на блокадата

Мохсен Резаеи потврди дека до САД се испратени седум услови, но досега јавно се откриени само три

Иран до Соединетите Американски Држави испратил седум услови за започнување преговори, потврди секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Мохсен Резаеи. Резаеи изјави дека Вашингтон, доколку сака да излезе од ситуацијата што ја создал, мора да ги прифати „правата и условите“ на Иран. Според „Галф њуз“, условите до американската страна биле пренесени преку Катар, а Техеран сега го очекува одговорот на американскиот претседател Доналд Трамп.

Иако Резаеи потврди дека станува збор за седум услови, целосниот список досега не е јавно објавен. Тој одделно ги наведе трите барања што Иран ги смета за клучни за завршување на војната. Првото е прекин на борбите на сите фронтови. Второто е ослободување на замрзнатите ирански средства, додека третото се однесува на прекин на американската поморска блокада на иранските пристаништа.

Резаеи претходно порача дека Иран нема да влезе во преговори со Вашингтон додека не бидат исполнети неговите услови. Прашањето за блокадата и за пловидбата низ Ормускиот Теснец останува едно од клучните спорни прашања меѓу двете страни. Во меѓувреме, дипломатските канали меѓу Техеран и Вашингтон остануваат отворени. Катар има улога на посредник, а и Пакистан се вклучува во напорите за продолжување на разговорите.

Трамп неодамна изјави дека се соочува со одлука дали да преземе нова голема воена акција против Иран, додека од Техеран стигнуваат пораки дека се подготвени за разговори, но само под свои услови. Засега не е познато дали Вашингтон ќе одговори позитивно на барањата на Техеран, ниту кога би можеле да започнат нови директни или посредувани преговори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс