НАТО се подготвува за нова војна под морето: Дронови ќе ги чуваат каблите и гасоводите

Повеќе од 1,5 милион километри подморски комуникациски кабли се клучни за глобалната економија, а државите сè повеќе стравуваат од саботажи и хибридни напади

Следната голема трка во воената технологија можеби нема да се води ниту на копно, ниту во воздух. Сè поголемо внимание се насочува кон морското дно, каде што се наоѓа инфраструктура од која зависат интернетот, енергетските системи и меѓународната трговија. НАТО и европските држави затоа забрзано развиваат автономни подводни дронови, сензори и системи за надзор.

Под површината на морето се наоѓа инфраструктура која за поголемиот дел од светот е невидлива, но е клучна за секојдневното функционирање на економијата. Подморски комуникациски кабли го носат најголемиот дел од меѓународниот интернет сообраќај, а по морското дно минуваат и гасоводи, нафтоводи и енергетски кабли.

Според податоците на истражувачката компанија „Телегеографи“, на почетокот на 2026 година во светот биле активни повеќе од 1,5 милион километри подморски комуникациски кабли.

Токму нивната ранливост последниве години станува безбедносно прашање. По експлозиите на гасоводите „Северен тек“ во Балтичкото Море во 2022 година, а потоа и по серијата инциденти со подморска инфраструктура во Балтикот, европските држави сè повеќе се фокусираат на можноста од намерни оштетувања.

Експертите предупредуваат дека ваквите активности можат да бидат дел од пошироко хибридно дејствување, кое покрај саботажи може да опфаќа и сајбернапади, дезинформации и економски притисок. „Промената на безбедносното опкружување ја стави оваа тема во прв план“, вели Катја Бего, виша истражувачка во британскиот институт „Чатам хаус“, за Си-Ен-Би-Си.

НАТО веќе го засилува надзорот на Балтикот

Во јануари 2025 година НАТО ја започна операцијата „Балтик сентри“, чија цел е подобра заштита на критичната подморска инфраструктура во Балтичкото Море. Во операцијата се користат фрегати, патролни авиони и поморски дронови. Во текот на 2025 година Алијансата тестираше и повеќе воздушни и поморски беспилотни системи.

Во февруари 2026 година осум земји членки на НАТО договорија забрзана набавка на нови технологии за поморски операции и надзор на подморската инфраструктура.

И Европската Унија ја засилува заштитата на каблите. Европската комисија во февруари претстави пакет мерки за подводната инфраструктура, со предвидени 347 милиони евра инвестиции во нејзината безбедност.

Новата идеја: илјадници дронови наместо флота од бродови

Причината за развојот на автономни подводни возила е практична. Ниту една морнарица не може постојано да патролира по илјадници километри кабли и цевководи со фрегати, подморници и патролни авиони.

Наместо тоа, идејата е голем број помали автономни системи да ги следат критичните подрачја. Еден дрон би можел да забележи сомнителен објект, да го пријави на оператор, а потоа други системи да се насочат кон локацијата за дополнителна проверка.

Германската компанија „Евроатлас“ развива автономно подводно возило „Грејшарк“, наменето токму за вакви мисии. Компанијата развива системи што можат да извршуваат задачи со ограничена потреба од постојано човечко управување. Една од замислените примени е инспекција на гасоводи и друга инфраструктура на морското дно. Стратешкиот проблем, сепак, останува огромната површина што треба да се контролира.

„Речиси е невозможно да се покрие целиот океан. Морате да знаете кои подрачја се доволно важни за таму постојано да имате преглед на она што се случува“, вели Веринеја Кодреан, директорка за стратегија и партнерства во „Евроатлас“.

Дроновите ќе бараат и други дронови

Подводните автономни системи нема да се користат само за заштита на инфраструктурата. Како што НАТО и европските земји развиваат свои системи, слични технологии развиваат и потенцијалните противници. Тоа отвора ново поле на воените операции: автономни возила што ќе бараат, следат и идентификуваат други автономни подводни возила.

„Она што го градиме ние, го градат и нашите противници“, вели Кодреан.

Тоа значи дека под морската површина би можела да се развие цела нова форма на натпреварување во која машините ќе откриваат и следат други машини, додека луѓето ќе ги носат клучните одлуки. Сепак, целта не е целосно да се заменат подморниците и воените бродови. Наместо тоа, идните морнарици би можеле да комбинираат традиционални воени платформи со голем број автономни системи што ќе покриваат специфични делови од морското дно.

Компаниите веќе се натпреваруваат за новиот пазар

Развојот на оваа технологија отвора и голем нов пазар за одбранбената индустрија. Италијанскиот бродоградител „Финкантиери“ во јули најави преземање мнозински удели во четири компании за околу 600 милиони евра, со цел проширување во области како подводни и површински дронови, подморски комуникации и истражување на морското дно.

Францускиот одбранбен гигант „Талес“ исто така развива сонари, системи за противподморничко војување, технологии за откривање мини и автономни подводни системи. „Финкантиери“ очекува идните големи воени бродови да можат да функционираат како своевидни матични платформи, кои ќе управуваат со мрежи од автономни возила на различни длабочини.

„Евроатлас“, пак, за „Грејшарк“ наведува можност за мисии што можат да траат до 16 недели, како и деклариран дострел до 10.700 наутички милји при брзина од четири јазли. Станува збор за спецификации наведени од самиот производител.

Морското дно останува многу потешко за контролирање

И покрај големите инвестиции, технологијата сè уште е далеку од нивото на воздушните дронови што денес масовно се користат во воените конфликти. Под вода комуникацијата е многу посложена, видливоста е ограничена, а сигналите не се пренесуваат на ист начин како во воздухот. „Оваа технологија не е ниту блиску до нивото на дроновите што ги гледаме во Украина“, вели Бего.

Според неа, технолошките пречки за автономните подводни системи и понатаму се големи. Дополнителен проблем е што огромен дел од подморската инфраструктура е во приватна сопственост. Компаниите традиционално се справувале со оштетувања предизвикани од сидра, рибарски бродови и други несреќи.

Намерната саботажа, меѓутоа, е сосема поинаков тип ризик и бара координација меѓу приватните оператори, државите и воените структури. Заштитата може да значи повеќе сензори, постојан надзор и подлабоко закопување на каблите, но секоја од тие мерки носи дополнителни трошоци. Затоа подводните дронови се гледаат како дел од поширок систем на заштита, а не како решение што само по себе може да ја направи целата инфраструктура безбедна.

„Корисни се. Пред сè за одвраќање и испраќање порака. Добро е да се развива ова подрачје, но тоа не е магично решение што ќе поправи сè“, вели Бего.

е-Трн да боцка во твојот инбокс