Американскиот производител на електрични автомобили Лусид и европската платформа за споделена мобилност Болт склучија стратешко партнерство за развој и воведување автономни услуги за превоз во Европа. Планот предвидува распоредување на најмалку 25.000 автономни возила во повеќе европски градови и земји. За Болт, проектот е дел од пошироката амбиција до 2035 година на својата платформа да има 100.000 автономни возила.
Новата флота ќе биде базирана на идната платформа на Лусид за возила од средната класа. Возилата се развиваат за четврто ниво на автономија според стандардите на SAE, што значи дека во определени услови системот може да ги извршува сите задачи поврзани со возењето без човечка интервенција.
Технолошката основа ќе ја сочинува компјутерската архитектура NVIDIA Hyperion, заедно со напреден сензорски систем и компјутерски капацитет за обработка на големи количества податоци.
Фокусот е на европските градови
Главниот извршен директор на Лусид, Силвио Наполи, оцени дека автономната мобилност преку споделени услуги претставува можност технологијата на компанијата да се прошири и надвор од приватните автомобили.
Основачот и извршен директор на Болт, Маркус Вилиг, посочи дека автономното возење во Европа бара усогласување на податоците, софтверот и оперативните процеси со специфичните сообраќајни услови и законодавството во различните европски земји.
Проектот од страна на Болт ќе го води одделот Bolt Autonomous Driving Solutions. Тој ќе биде вклучен во повеќе фази од проектот – од дефинирање на техничките и безбедносните параметри на возилата до управување со инфраструктурата и секојдневното функционирање на флотата. Болт планира да биде сопственик на возилата и директно да управува со флотата на роботаксија.
Од страна на Лусид, проектот ќе го координира новиот оддел Lucid Technologies, чија задача ќе биде поврзување на технологиите за вештачка интелигенција, системите за помош на возачот и останатите дигитални функции на компанијата.
Следува и регулаторниот предизвик
Компаниите најавуваат тесна соработка со технолошки партнери, регулаторни институции и законодавци во Европа. Целта е автономните возила да бидат воведени во секојдневниот сообраќај во согласност со европските правила и безбедносни стандарди.
Иако бројката од 25.000 возила го покажува обемот на планираната експанзија, нивното реално распоредување ќе зависи и од технолошкиот развој, регулаторните одобренија и условите за автономно возење во одделните европски пазари. Партнерството меѓу Болт и Лусид доаѓа во период кога производителите на автомобили, технолошките компании и платформите за превоз сè повеќе инвестираат во роботаксија, со цел автономното возење да стане дел од градскиот превоз.