Автобус со околу 90 ученици од Подгорица синоќа учествувал во сообраќајна несреќа кај Мојковац, на патот кон Колашин, откако на коловозот се одронил камен. Возачот се обидел да го избегне одронот, но автобусот удрил во карпа покрај патот. Повредени се четири деца и уште едно возрасно лице, а сите биле пренесени во болницата во Бијело Поље.
Несреќата се случила околу 20:35 часот во местото Штитаричка Ријека, на магистралниот пат Мојковац–Колашин. Според неофицијални информации од полицијата, на коловозот дошло до одрон на камења. Возачот се обидел да го избегне одронот, при што автобусот со предниот десен дел удрил во карпа покрај патот.
Во автобусот се превезувале ученици од подгорички основни училишта кои се враќале од екскурзија. Според црногорските медиуми, меѓу нив биле ученици од основните училишта „Павле Ровински“ и „Штампар Макарије“.
Четири деца и возрасно лице пренесени во болница
Според информациите на црногорските медиуми, четири деца и возачот првично биле пренесени во Општата болница во Бијело Поље. Подоцнежните информации од болницата наведуваат дека меѓу повредените имало три 15-годишни ученички и две возрасни лица.
Раководителот на Ургентниот центар во Бијело Поље изјавил дека кај повреденото возрасно лице постоело сомнение за потешки телесни повреди, додека кај девојчињата во моментот на приемот немало знаци за тешки повреди. Била направена дополнителна дијагностика за да се утврди нивната состојба.
Останатите ученици продолжиле кон Подгорица
По несреќата започнала евакуацијата на учениците. Дел од децата биле пренесени кон Подгорица со возила на приватни превозници од Мојковац, а за други бил обезбеден автобус од агенцијата што ја организирала екскурзијата.
Вториот автобус со ученици, кој се движел зад возилото што учествувало во несреќата, бил придружуван од полицијата кон Колашин и Подгорица. Некои родители пристигнале на местото и ги презеле своите деца.
Возачот не бил под дејство на алкохол
Од црногорската полиција за РТЦГ неофицијално било потврдено дека возачот не бил под дејство на алкохол во моментот на несреќата. Истрагата треба да ги утврди сите околности под кои дошло до несреќата.