На 20 август 1977 година, НАСА ја лансирала сондата „Voyager 2“ од Кејп Канаверал, Флорида, всушност, пред нејзината сестринска сонда „Voyager 1“, која тргнала 16 дена подоцна, на 5 септември. Иронично, „Voyager 1“ подоцна ја престигнала „Voyager 2“ поради побрзата траекторија низ Сончевиот Систем, па го добила бројот „1“ во името, и покрај тоа што во вселената тргнала подоцна.
Позлатена плоча наменета да трае милијарди години
Секоја од двете сонди носела идентична позлатена бакарна грамофонска плоча, дизајнирана да ги преживее и најтешките услови во длабокиот космос практично засекогаш.
Проектот бил предводен од астрономот Карл Саган, кој со тим научници, уметници и инженери имал само околу шест недели да одлучи како најдобро да ја претстави човечката цивилизација пред потенцијална вонземска интелигенција.
Она што сме го испратиле кон ѕвездите
Плочите содржат 116 слики, вклучувајќи дијаграми, равенки и фотографии, дел од нив избрани дури и од фотоархивите на Обединетите нации. На нив се и звуци од природата, ветер, гром, бранови, жуборење на вода, пеење птици и звуци на китови.
Придружени се и со поздрави на 55 различни јазици, вклучувајќи и антички, речиси заборавени јазици, како и околу 90 минути внимателно избрана музика од Бетовен до традиционална музика од различни култури од целиот свет.
Записот на вљубената жена
Меѓу најемотивните, а помалку познати детали е записот на човечките мозочни бранови, направен само неколку недели пред лансирањето, на 3 јуни 1977 година. Авторка на записот била Ен Друјан, писателка и подоцна сопруга на Карл Саган. Двајцата се вљубиле буквално во деновите пред самиот запис, а Друјан доброволно дозволила нејзините мозочни бранови да бидат снимени како физички отпечаток на чувството на љубов што го доживувала во тој момент.
Тој запис бил зачуван на плочата и испратен надвор од Сончевиот Систем порака чија симболика и денес е една од најнеобичните во историјата на вселенските истражувања.
Наменето за некогаш, можеби никогаш
И покрај амбициозната цел на мисијата, ниту една од двете сонди всушност не е насочена кон конкретна ѕвезда. Тие едноставно продолжуваат да патуваат низ просторот надвор од границите на Сончевиот Систем. „Voyager 1“, според пресметките, ќе помине на релативно блиска космички гледано одалеченост од ѕвездата Глизе 445 за околу 40.000 години.
Карл Саган еднаш го опишал целиот потфат како „шише“ фрлено во космичкиот „океан“ – гест кој, според неговите зборови, „кажува нешто многу надежно за животот на оваа планета“, без разлика дали некогаш ќе биде пронајдено.
49 години подоцна, сè уште патуваат
Денес, „Voyager 1“ е најоддалечениот човечки изработен објект во историјата, додека „Voyager 2“ останува неговиот најблизок „сопатник“. Двете сонди одамна влегоа во меѓуѕвездениот простор – „Voyager 1“ во 2012 година, а „Voyager 2“ во 2018 година и со децении испраќаа податоци кон Земјата.
Позлатените плочи, според нивните создавачи, се дизајнирани физички да издржат и неколку милијарди години во вакуумот на космосот. Тоа ги прави можеби најдолготрајната порака што човештвото некогаш ја испратило – порака наменета за некој што можеби никогаш нема да ја пронајде, но која и денес, речиси половина век подоцна, останува еден од најубавите симболи на човечката љубопитност и надеж.