44 потврдени случаи на западнонилска треска, петмина починати

Од почетокот на епидемијата досега, 21 пациент е отпуштен од болница и продолжува со домашно лекување информираше министерот

Во земјава досега се потврдени вкупно 44 случаи на западнонилска треска, од кои 43 пациенти се хоспитализирани, соопшти денеска министерот за здравство Сашо Клековски.


Поголемиот дел од пациентите се со невроинвазивна форма на болеста, која може да предизвика сериозни невролошки симптоми.
Клековски денеска ги посети Клиниката за инфективни болести и Институтот за јавно здравје, каде изврши увид во капацитетите за хоспитализација, кадровската опременост и лабораториските реагенси за дијагностицирање на западнонилската треска.


Од почетокот на епидемијата досега, 21 пациент е отпуштен од болница и продолжува со домашно лекување, додека уште четворица пациенти се очекува да бидат пуштени денеска.


За жал, пет пациенти ја загубиле битката со болеста.


Здравствените власти апелираат граѓаните да побараат лекарска помош доколку забележат симптоми како висока температура, вкочанет врат, дезориентација, слабост или грчеви.


„Системот е подготвен и здравствените работници ја имаат нашата целосна поддршка во справувањето со западнонилската треска како јавноздравствен предизвик“, порача Клековски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс